Во Детската кардиохирургија за неполни две години се извршени 120 кардиохируршки интервенции кај деца. Во рамки на десеттата мисија (од 22 февруари до 7 март) на тимот странски доктори што работат на проектот Детска кардиохирургија се направени 13 интервенции, а попладнево се извршува 14.
Министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети Клиниката за детска хирургија изјави дека во рамки на десеттата сесија на тимот странски доктори, е оперирано и бебе старо само пет недели со околу 2,5 кг тежина.
– Станува збор за исклучително сложени интервенции, кои се прават на Клиниката за детска хирургија, во одделот за Детска кардиохирургија. Досега се оперираат пациенти само од Македонија. Се прават листи на 20 до 30 пациенти на кои им е потребна ваква интервенција и потоа тимот врз основа на здравствената состојба на пациентите одлучува за тоа кои ќе бидат ставени на програма за операција. Целиот овој сегмент на Детска кардиохирургија напредува одлично, посочи Тодоров.
Изрази задоволство што околу 50 отсто од интервенциите се направени од македонски доктори со учество на македонски кардиохирург што, како што нагласи, покажува дека целиот овој процес на градење на детската кардиохирургија одлично напредува и одлично се етаблира.
Детската кардиохирургија, потенцира, ја градиме заедно со доктори од САД кои доаѓаат тука и им помагаат на македонските лекари да се изгради целиот овој концепт и тие се вклучени во интервенциите.
– Дел од интервенциите ги работат кардиохирурзите од САД во соработка со македонските лекари од одделот за детска кардиохирургија. Очекувам дека одделот за детска кардиохирургија во наредниот период уште повеќе ќе напредува имајќи предвид дека условите во кои функционираат се одлични, а особено соработката која се воспостави и треба постојано да се унапредува меѓу повеќе здравствени установи вклучени во овој проект, додаде Тодоров.
Марчело Кардарели, детски кардиохирург од САД, истакна дека ја спроведуваат програмата во десет различни земји.
Герет Морган, интервентен кардиолог од САД, посочи дека неговата задача е развој на програмата за интервентна и педијатриска кардиологија.
– Денес извршивме една уникатна процедура на бебе, а имаме уште една закажана попладнево. Се надевам дека ќе бидеме во можност да се вратиме и да изведеме повеќе процедури и дека ќе го обучиме кадарот во Македонија да ги извршува истите. Целта е да се избегнат операции на срце кај деца преку минимално инвазивни процедури, додаде Морган.
Доктор Владимир Чадиковски од Детска хирургија, кој е дел од тимот неонатални кардиохирурзи, рече ќе се направат и четири интервентни кардиолошки интервенции и оти проектот продолжува понатаму.
– Задоволен сум и благодарен за целиот тим и од американската и од македонската страна. Се вложува огромен напор од сите страни, се работи од изутрина од 8 часот до полноќ. Овие две недели се навистина динамични и задоволството е големо. Се повеќе се покомплексни аномалии успеваме да ги згрижиме во Македонија. За овие две години динамиката е добра. Деведесет и пет отсто од случаите ги третираме во Македонија, а пет отсто надвор од Македонија – истакна Чадиковски.
Додаде дека минатата година имале процент на смртност околу 4 отсто што, според него, е одличен резултат бидејќи кардиохирушките интервенции секаде во светот имаат одредена смртност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.