На 60 до 70 пациенти годишно им се дијагностицира опструктивна ноќна апнеа, која е најчестото нарушување на дишењето во текот на спиењето, кое го намалува квалитетот и го загрозува животот на четири до пет проценти од возрасната популација или на околу 100 милиони луѓе во светот.
Претседателот на Македонското здружение за ноќна апнеа, Дејан Докиќ денеска на прес-конференција рече дека кај тие пациенти прекинот во дишењето за време на спиењето трае повеќе од 10 секунди и е проследено со пад на кислородот во крвта.
– Овие пречки се јавуваат едноподруго многу пати во текот на ноќта, дури и до 80 пати за еден час спиење. Проблемите се проследени со гласно грчење што претставува немирен сон не само за пациентот туку и за партнерот и за семеството, чести и краткотрајни будења, честа посета на тоалетот и една силно изразена сонливост во текот на денот. Заспивањето е изразено дури и при извршување на работните обврски, при возењето и управувањето машини – истакна Докиќ.
Посочи дека еден од симптомите е утринската главоболка, намалена концентрација, лесна раздразливост, нервоза, промена во личноста и депресија, а како последици од оваа состојба има зголемен притисок кај овие пациенти, кој не може да се регулира ни со два до три антихипертензивни лека, аритмии, срцев (петпати почесто го добиваат), мозочен удар, дијабетес.
– Овие лица и до 12 пати имаат поголема шанса да предизвикаат сообраќана несреќа поради намалената концентранција и заспивање на воланот. Дваесет проценти од сите сообраќајни несреќи се поврзани со ноќна апнеа. Според светската статистика, во Македонија околу 30 лица годишно гинат на патиштата како последица на ноќна апнеа, вклучувајќи и неколку стотици повредени, а голема е и материјалната штета – додаде Докиќ.
Директорката на Клиниката за пулмологија и алергологија Бисерка Јовковска – Ќаева рече дека во однос на средномедицински персонал, кој до скоро им бил дефицитарен бидејќи повеќето биле волонтери вклучени во работата, со Законот за трансформација на работен однос ќе се овозможи трајно вработување на средномедицинскиот кадар и ќе има можност да дијагностицираат поголем број пациенти, бидејќи во тој случај ќе можат ноќната апнеа да ја изведуваат секојдневно.
Укажа на ограничените просторни можности кои, како што рече, ќе се надминат со изградбата на новиот клинички центар.
– Само 16,7 проценти од пациентите купиле CPAP апарати за терапија на ноќна апнеа. Се надевам дека овие податоци ќе послужат во интерес на пациентите и ќе стигнат до ФЗОМ за набавка на овие апарати на сите на кои им е дијагностицирана ноќна апнеа – додаде Јовковска – Ќаева.
Директорот на Центарот за клинички истражувања на сoнот на Универзитетот во Сури, Велика Британија, Дерк Јан Дијк истакна дека според резултатите од истражувањата, вкупната инвестиција за лекување на ноќна апнеа со CPAP апарат кај пациентите се исплатува за помалку од две години. Според него, тоа е многу поисплатливо за пациентите и за националните здравствени системи отколку за соочување со долгорочните сериозни еконмоски и здравствени последици што ги предизвикува ноќната апнеа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.