Поранешниот победник на австралиското натпреварување „Поп aјдол“, Гај Себастијан, ќе ја претставува Австралија на годинешнaвa „Евровизија“, што оваа година се одржува по 60. пат.
Свеченото претставување на австрлискиот претставник за „Евровизија“ беше извршено на посебна церемонија во Операта на Сиднеј.
Себастијан е познато име во тамошната музичка јавност откако во 2003 година победи на првиот „Поп ајдол“ во оваа земја. Во периодот меѓу 2010 и 2012 година, тој беше еден од судиите на австралискиото натпреварување за ново пејачко име „Икс-фактор“.
– Многу сум задоволен што токму јас ќе ја претставувам Австралија на „Евровизија“. За мене тоа е голема чест и обврска – изјави Себастијан за телевизиската компанија „Еј-Би-Си“.
Песната со која тој ќе настапи сѐ уште не е избрана.
Организаторите на евровизискиот фестивал, кој годинава се одржува во Виена, одлучија првпат да поканат и земја-гостин.
Изборот на далечната Австралија не е случаен затоа што фестивалот е мошне популарен кај тамошните телевизиски гледачи. Минатата година, преносот на финалето на „Евровизија“ го следеле повеќе од три милиони Австралијанци.
Австралија доби вајлд-карта за да се појави еднаш на „Евровизија“ и директно да учествува во финалето.
Гледачите од далечната земја-континент ќе имаат право да гласаат на двете полуфинални вечери, како и во финалето, а сите други да гласаат за австралиската песна.
Тоа значи дека Гај Себастијан, теоретски, може и да победи. Доколку би се случило тоа, Австралијанците ќе имаат право да ја бранат победата, идната година на следната „Евровизија“, но не на свој терен туку во некоја земја во Европа.
Себастијан не е првиот Австралијанец што ќе пее на „Евровизија“, но тројцата настапувачи пред него пееја за други земји. Оливија Њутон Џон во 1974 година пееше за Велика Британија и беше четврта, во годината кога победи АБА со „Ватерло“. Во 1996 година за Британија настапи Австралијанката Џина Џи, додека во 2006 година Џејн Камфорд пееше за Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.