| четврток, 6 декември 2018 |

Дебатниот филмски клуб „Лале“ повторно активен

Младинскиот културен центар од 4 март ја презема активноста на дебатниот филмски клуб „Лале“ кој успешно функционираше во кафулето „Менада“ во изминатите две сезони. Активноста на клубот одсега ќе се одвива во посоодветни техничко-просторни услови, односно во џебното кино на МКЦ.

Клубот ќе функционира како непрофитна активност на МКЦ (проекциите се бесплатни) со идеја филмот да биде претставен во неговата уметничка димензија и притоа во непосреден разговор и дебата публиката да ги сподели своите критички и естетски судови и ставови по проекцијата на секој филм.

Клубот има и едукативна улога, со намера преку сопствени оценки и дискусија за филмовите, да ги поттикне креативните размисли на филмофилите.

– Програмата која ја нуди дебатниот филмски клуб „Лале“ е грижливо селектирана и е составена од филмови со врвни уметнички референци, но и такви кои се значајни по своето силно влијание, или се значајни заради контроверзноста, авангардноста и деликатноста било во тематска или естетска смисла, секако и оние кои се издвојуваат со својата храброст, провокативност и конечно, филмови кои имаат силен авторски печат. Во уметноста, па и во филмот „годините не се важни“, важен е само духот на човечката инспирација и идеја, соопштуваат од МКЦ Селектор на програмата и модератор на дебатите е нашиот искусен филмски критичар Влатко Галевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top