| четврток, 6 декември 2018 |

Даниел Стариџ: Роџерс греши, можам да играм на секој натпревар

Фудбалерот на Ливерпул, Даниел Стариџ по синоќешниот натпревар против Барнли во рамките од 28. коло од Премиерлигата, во кој победија домаќините со 2-0, изјави дека е подготвен да игра на секој натпревар и покрај желбата на менаџерот на „црвените“, Брендон Роџерс, да го заштити од нова повреда.

Liverpool FC vs Burnley FC

Роџерс пред натпреварот изјави дека постои опасност Стариџ да ја обнови повредата ако игра на секој натпревар и повторно да отсуствува од терените како што беше во есенскиот дел од сезоната кога англискиот репрезентативец беше надвор од терените пет месеци.

– Се осеќам добро откако се вратив по повредата. Подготвен сум да играм на секој натпревар. Не сакам да бидам поштеден, но чувствувам дека така сака менаџерот – изјави Даниел Стариџ.

Во синоќешниот дуел тој го постигна вториот гол за Ливерпул, а стрелец на првиот беше Џордан Хендерсон.

– Ова се големи три бода за нас. Беше фантастично. Прекрасно е тоа што Даниел се врати. Ни дава слобода во играта , а неговото движење е неверојатно – изјави Хендерсон.

Ливерпул по 28 одиграни натпревари во Премиерлигата се наоѓа на петтото место со 51 бод, само два помалку од местото кое води во Лигата на шампионите, и 12 зад лидерот Челси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top