| четврток, 6 декември 2018 |

„Суперхикс“ првпат имаа концерт во Грција

„Суперхикс“ минатиот петок првпат имаа концерт во Грција, пред повеќе од 1.200 луѓе кои имаа прилика одлично да се забавуваат. Скопјани настапија  во рамките на второто издание на „Балкан-Фест“ кој се одржа во клубот „Блок 33“ во Солун.

superhiks

– Позитивно сме изненадени и воодушевени од пречекот и гостопримството што го доживеавме на „Балкан- Фест“. Посебно, затоа што по цели 19 години постоење, ова ни беше „сефте“ во Грција, а бевме најавени и го отсвиревме овој концерт, како хедлајнери. Уште еднаш се покажа дека музиката руши секакви бариери, а и некако добивме впечаток дека на младите таму им е преку глава од „прашањето за името“, па без проблем се претставивме пред публиката како бенд од Македонија, Македонци и слично. Настрана од политиката, ова е важен чекор до конечното обединување на младите луѓе од регионот и затоа едно големо „Ефхаристо Поли“ до солунци, Балкан Фест и Блок33!!! Секоја чест и се гледаме пак на следниот Балкан Фест!“ – изјавија Суперхикс по настапот на Балкан Фест.

Тоа е и целта на овој солунски фетсивал, да ја потенцира балканската култура и различните карактеристики на луѓето од Југоисточна Европа, со цел да прерасне во мост кој ќе ги поврзува балканските култури и културни активисти. Суперхикс воедно беа и првиот македонски бенд кој настапи на Балкан Фест, а покрај нив годинава фестивалот ги пречека, Баилдса (Грција) и Оратница (Бугарија).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top