| четврток, 6 декември 2018 |

Путин повика на запирање на политичките убиства во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин денеска апелираше на запирање на, како што рече, „срамните политички убиства“, давајќи за првпат јавен коментар за убиството на опозицискиот политичар Борис Немцов.

– Потребно е конечно Русија да се ослободи од срамот и трагедиите кои ни се случуваат, изјави Путин, објаснувајќи дека мисли на „дрското убиство“ на Немцов извршено во центарот на рускиот главен град во близина на Кремљ.

Во телевизиска изјава рускиот претседател му порача на Министерството за внатрешни работи дека државата сега конечно мора на најсериозен начин да му се посвети на крупниот криминал.

Борис Немцов (55), поранешен прв заменик-премиер на Русија, беше убиен во петокот непосредно пред полноќ, додека одел кон својот стан со неговата девојка, 23-годишната украинска манекенка Ана Дурицкаја. Тој беше убиен од зад грб со неколку истрели, додека девојката остана неповредена.

Мотивот за убиството е напознат, но нападот се случи на само триесетина часови пред протестниот митинг против војната во Украина, во организација на Немцов.

По 2000 година, кога тогаш новиот руски претседател Путин го разреши Немцов од вицепремиерската функција, тој стана опозициски политичар. Остро ја критикуваше внатрешната политика на Путин, а беше и најголемиот критичар на „руското мешање“ во укрианскиот конфликт.

Официјален Киев и некои западни медиуми побрзаа да го обвинат Кремљ за убиството на Немцов, но Москва категорично ги отфрли ваквите обвинувања како целосно невистинити.

Преку официјално соопштение, Путин уште ноќта набрзо по убиството изрази жалење за она што се случи и најави детална истрага за да се најдат и казнат сторителите.

Засега нема осомничени и никој не е уапсен. Директорот на руското контраразузнавање ФСБ, Александар Бортиков денеска само кусо порача дека „секогаш има осомничени“, реагирајќи на новинарските прашања за тоа дали полицијата се сомнева кој стои зад убиството на Борис Немцов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top