| четврток, 6 декември 2018 |

Годишно се пораѓаат 1.500 малолетнички

Блијесак – Загреб

Во Хрватска годишно 1200 до 1500 малолетни девојки раѓаат дете, а вкупно секоја година на околу 4000 од нив им е потребна помош од семејството и заедницата, со оглед на младоста, прекин на школувањето и мајчинството.

Во повеќето случаи бременоста кај малолетничките е шок за нив самите и за нивните семејства. Семејните односи се нарушуваат, но сепак состојбата брзо се смирува и семејството тоа го прифаќа, рече Силвија Станиќ од Здружението Чекор по чекор, претставувајќи ги во петокот резултатите на тригодишната програма Мама е мама, за малолетни бремени и родители.

Тие девојки и нивните партнери по бременоста се наоѓаат во шок, како тоа да го објаснат на родителите, се плашат од реакцијата на околината, се прашуваат како ќе заврши школувањето, како ќе живеат со детето…

Здружението во рамки на тригодишен проект, кој продолжува и следните три години, со услуги на советување и психосоцијална поддршка опфаќа 70 корисници со кои се одржани 49 телефонски разговори, околу 150 индивидуални разговори и 84 состаноци во рамки на мали едукативни групи.

За десет отсто малолетни мајки кои остануваат без родителска поддршка Здружението во соработка со партнерите веќе десет години спроведува разни програми за поддршка, од сместување до помош и продолжување на школувањето, вработување и слично, рече Станиќ.

Така, моментално во загрепскиот Дом за деца на ул. Назарова се осум малолетни мајки со деца, во загрепскиот Каритас има девет, а уште шест можат да бидат сместени во детските домови во Ловран и Осиек.
Во домот во Назарова улица во тек е реновирање на просторијата за Мајчински оддел во која ќе можат да престојуваат 15 мајки со деца. Тие можат во тие институции да бидат сместени месец и пол дена пред породувањето и таму да останат до навршената прва година од животот на детето.

Се поставува прашањето што понатаму, затоа програмите кои ги спроведуваме се важни за нивното осамостојување, завршување на училиштето, вработување и сместување на децата во градинка, вели Станиќ. Заклучено е дека и понатаму треба да се развива соработка со институциите за социјална заштита и училишниот систем, за да може на малолетните мајки да им се олесни патот во осамостојувањето да можат сами да опстанат и да водат грижа за детето.

За спроведување на програмата Мама е мама, лани беа обезбедени 280 милиони куни и тоа главно од буџетски пари на град Загреб, Министерството за социјална политика и млади, како и од донации. Партнери во проектот се Министерството за социјална политика и млади, Градот Загреб, Куќа на љубовта на загрепската бискупија на Каритас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top