| четврток, 6 декември 2018 |

Со подобра регионална соработка, до помала невработеност

vrabotenost

Невработеноста во земјите од Југоисточна Европа, најгорливиот проблем со кој се соочуваат граѓаните, може да се реши со подобрување на регионалната соработка, покажуваат иницијалните резултати на истражувањето Балкан барометар на Советот за регионална соработка.

Студијата, спроведена во главните градови на Албанија, Босна и Хецеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, што денеска во Скопје беше презентирана на панел дискусијата за имплементација на Стратегијата за развој на Југоисточна Европа 2020 на тема „Вработувања и просперитет во европска перспектива“, покажува дека во сите земји од регионот невработеноста е причината поради која луѓето сакаат да ја напуштат својата земја и да се обидат да најдат подобри услови за живот во некоја од западните земји.

На настанот организиран од Советот за регионална соработка, ОЕЦД и Министерството за економија беше посочено дека клучни за надминувањето на невработеноста се регионалната соработка, реформите во образованието, натамошната либерализацијата на трговијата и подобрувањето на инфраструктурата.

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими посочи дека Македонија преку привлекување на странски инвестиции се обидува да ја подобри вработеноста и нагласи дека во земјава веќе се отворени 13 индустриски зони во кои се вработени 3.500 лица.

– Македонија има најдобри економски показатели од земјите во регионот според меѓународните рангирања, но бројот на старански инвестиции во земјава не го следи тоа. Владата преку разни поволности се обидува да ги привлече странските инвеститори и тоа како од трудоинтензивните гранки, така и од областа на високата технологија. На овој начин сметаме дека ќе придонесеме за намалување на невработеноста и спречување на миграцијата – рече Бесими.

Тој посочи дека во последните неколку години невработеноста во Македонија е намалена за 9 проценти и од 38 отсто е сведена на околу 29 отсто.

– Македонија се стреми во наредните дваесетина години да има раст поголем од 4,5 отсто за да може да го достигне просекот на Европската унија. За да се реализира тоа неопходно е растот да се базира на приватниот сектор, а не како што е сега во земјите од регионот јавниот сектор, како рецидив од комунизмот, да биде главен во вработувањето и креирањето нови работни места – рече Бесими.

Министерот за економија Беким Незири посочи дека Владата нуди низа поволности за вработување, особено на млади лица, и на домашните инвеститори.

– Преку Агенцијата за вработување им нуди грантови и кредити со многу мала камата за отворање нови работни места, а се стимулираат младите и за самовработување – рече Незири.

Тој посочи дека на почетокот постоело размислување дали треба прво да се исполни зоната во Скопје, а потоа да се отвораат нови индустриски зони во внатрешноста, но се решиле за паралелно отворање за да има порамномерен развој.

– Токму привлекувањето странски инвеститори и отворањето нови индустриски зони придонесе за осетно зголемување на извозот на земјава. Но, странските инвеститори особено од автомобилскиот сектор ни укажа и на потребата образовнието да нуди подобро остручени кадри кои веднаш може да се вклучат во процесот на производство. За таа намена почнавме реформи во образовниот систем – истакна Незири.

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ посочи дека 95 отсто од извозот на регионот отпаѓа на суровини и полуфабрикати и посочи дека треба да се оди во насока на извоз на готови производи со додадена вредност за подобрување на стандардот на населението и зголемување на вработеноста.

– Во регионот од 2008 година наваму се затворени 800.000 работни места, а со стратегијата за Развој на Југоисточна Европа до 2020 година се нуди отворање нови еден милион работни места. Тоа покажува дека им се нуди работа на оние што веќе ја исгубиле, но не и перспектива за младите. Мора да се направи нешто за на младите да им се понудат работни места и својот опстанок да го гледаат во земјата, а не во одење во странство. Голем дел од анкетираните не гладаат перспектива за себе и за своите поколенија во регионот и се подготвени да го напуштат и да си ја бараат среќата на друго место. Мора да привлечеме странски инвестиции, да ја подобриме инфраструктурата, образованието и да направиме натамошна либералзација на трговијата за да им овозможиме перспектива на младите – рече Свилановиќ.

Тој посочи дека на средбата во Берлин со канцеларката Ангела Меркел, лани во август, на лидерите од регионот на Југоисточна Европа им било порачано дека поголемата регионална соработка е клучот за надминување на сите проблеми.

Прашан како да се надмине проблемот со странските инвеститори кои им нудат минимална плата на вработените, Свилановиќ рече дека тоа право треба да го изборат синдикатите, а не владите на земјите од регионот.

– За жал во регионот се уште немаме синдикати што можат да се изборат за правата на вработените. Неопходно е токму синдикатите да се изборат со странските инвеститори кои доаѓаат во регионот да понудат подобри плати. Факт е дека во регионот доаѓаат и инвестиции чии раководни тимови работат криминално и под секој стандард, но на синдикатите е да се изборат со тоа – рече Свилановиќ.

Тој нагласи дека резултатите од студијата Балкан барометар покажуваат дека 80 отсто од анкетираните во Тирана и Приштина сметаат дека проблемот ќе им се реши по влегувањето во Европската унија, а во другите главни градови овој процент е многу помал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top