Центарот за култура Битола во соработка со Државното средно музичко училиште од овој град вечерва организираат прв концерт на обновениот дувачки оркестар на Битола.
Концертот ќе биде посветен на прерано починатиот Боби Коминовски, професор во училиштето, кој деновиве трагично го загуби животот. Директорот на Центарот за култура Борче Димитровски информира дека концертот претставува продолжување на една поранешна традиција во Битола, која долги години се негувала, но последниве неколку децении била запоставена.
Работата на дувачкиот оркестар на Битола ќе ја координира музичарот и диригент Марјан Бакревски. Во оркестарот членуваат 25 музичари кои ќе изведат повеќе дела од различни светски познати автори.
На програмата ќе бидат дела од познати автори, композитори, како што се Шуберт, Бетовен, Штраус. Ќе има американска маршовска музика и друг избор од регионот на Чешка, Австрија. Во оркестарот членуваат 20 професионалци и пет аматери. Сите музичари во најголем дел се од Битола, но има и гости од Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.