Проблематичната кожа, со акни на лицето, особено во тинејџерскиот период, може да биде голем проблем ако не се лечи навреме. Дерматолозите најчесто ги советуваат пациентите да се јават во нивната ординација уште при првата појава на акните за навреме да се одреди потребната терапија. Постојат неколку тераписки модалитети што даваат одлични резултати при третирањето лузни од акни. Најдобри резултати се постигнуваат со комбинирани третмани, вели во интервјуто за „Република“ дерматовенерологот д-р Искра Петровска-Шешова.
Кога е вистинското време за пациентите што имаат проблеми со акни на лицето првпат да посетат дерматолог? Дали треба да помине тинејџерскиот период, па потоа да се третира лицето или, пак, кога ќе појават акните првпат?
Петровска-Шешова: Еден од најчестите проблем во тинејџерскиот период е појавата на акните. Од особена важност е пациентот да се јави на дерматолог при првото појавување на акните бидејќи со навремена дијагноза, соодветна индивидуално спроведена терапија, и со почитување и спроведување на советите од дерматолог ќе се намалат на минимум несаканите ефекти и компликации.
Како најчесто безболно и со голем успех се третираат лузните од акните на лицето?
Петровска-Шешова: Тераписките можности на лузни од акни се многубројни, а најчесто се комбинирани, индивидуални и многу успешни. За каков вид терапија ќе се определиме зависи од многу фактори. Од типот на лузните (дали се атрофични или хипертрофични), од моменталната состојба на пациентот, од неговите очекувања и од искуството на дерматологот. Инаку, постојат неколку тераписки модалитети што даваат одлични резултати кај лузни од акни. Почнувајќи од локална терапија кај полесни лузни, микродермоабразивни третмани, криотерапија, интралезиони стероиди, потоа хемиски пилинзи со салицилна киселина, гликолна, ретиноична, ТЦА (површински, средни, длабоки пилинзи), ИПЛ (интензивна пулсна светлина), полуаблативна радиофреквентна технологија Пиџел, ласерски абразивни третмани со јаглероден диоксид и со Ѕаг ласер. Најдобри резултати се постигнуваат со комбинирани третмани. Меѓутоа, досегашните наши искуства покажуваат дека има одлични резултати кај лузни од акни кои почнуваат да се лекуваат навремено.
Што е псоријаза и можно ли е целосно лекување на оваа кожна болест?
Петровска-Шешова: Псоријазата е хронична инфламаторна болест со фамилијарна предиспозиција, при што тригер-факторите од средината, како што се бактериски инфекции, трауми, стресни состојби, лекови, може да доведат до манифестна болест. Најчеста клиничка карактеристика на псоријазата е ограничена еритемна папула со сребреникава корупка. Најчесто локализирана на екстензорните површини на екстремитетите (лакти и колена), косматиот дел на главата, сакралната регија, но може да се манифестира и каде било на телото. Клиничката слика е варијабилна и различна од пациент до пациент. Со оглед на брзиот развој на медицината, можностите за лекување на псоријазата се сè пософистицирани. Новата имунолошко-биолошка терапија, која овозможува долготрајна ремисија, дава едно олеснување во животот на пациентите со потешки облици на псоријаза, како што се плакарниот и псоријатичниот артритис.
Како се третира атопичниот дерматит, кој може да се јави на многу мала возраст, а потоа и да се провлекува низ годините?
Петровска-Шешова: Атопичниот дерматит е хронична, повторувачка болест која се вбројува во групата наследни заболувања што најчесто се јавуваат во раниот детски период, меѓутоа не е исклучено и јавувањето на болеста кај возрасни. Претставува една форма на атопичниот синдром, познат како атопија. Останати клинички манифестации на атопијата може да се алергискиот ринит, алергиската асма, гастроинтестиналната алергија и алергиски конјуктивитис. Главни симптоми кај атопичниот дерматит се силен јадеж и сува кожа. Од особена важност кај терапијата е правилна дијагноза, навремено елиминирање на факторите од надворешната средина што ја предизвикуваат болеста, како што се прав, волна, полен, храна (млечни производи, јајца, лешници, бадеми, риба, портокали, мандарини). Кај атопична кожа од особена важност е едукацијата на родителите, консултација со педијатар и со нутриционист. Неопходна е постојана правилна нега на децата со лосиони и кремови кои се на неутрална база, а препаратите што содржат линолна киселина ќе помогнат во полесна хидратација на сувата детска кожа. Во случај ако се јави инфламаторна компонента, за краток период може да биде препорачана кортикостероидна, антибиотска и антимикотична терапија. Меѓутоа, за да се избегне тоа, од особена важност е негата на таков тип атописка кожа. Инаку, новата имунолошка антиифламаторна терапија со макролиди, како што се такролимус и пимекролимус, ни дава одлични резултати кај атопичниот дерматит, а на тој начин ни овозможува да ги избегнеме кортикостероидите кои, од своја страна, ако подолго се користат, даваат несакани ефекти (атрофии, проширени капилари и стрии).
Како да ја заштитиме кожата во зимските месеци?
Петровска-Шешова: Во зима на кожата ѝ е потребна добра ексфолијација, односно пилинг еднаш неделно. Пилингот овозможува отстранување на мртвите клетки, а со тоа се забрзува процесот на регенерација. Неопходна е секојдневна хидратација на кожата со кремови кои имаат голема моќ на хидрирање, кремови со линолна киселина, уреа, витамин А, хијалуронска киселина. Во зима е потребно да се избегнуваат долготрајни туширања со топла вода, која дополнително ја суши кожата. Најдобро е туширањето да биде со млака вода. Во зима се препорачува и користење балсам за усни. Ако сте на планина и се изложувате на сонце, користете кремови со заштитен фактор. Иако е зима, не заборавајте физички да бидете активни, најмалку 20-30 минути дневно.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 129. број на неделникот „Република“, 20.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.