Кожата е најголемиот орган во човечкото тело, кој најмногу реагира на временските промени. Во зима, најчесто кожата е дехидрирана, со намалена еластичност, безживотна и уморна.
Според д-р Искра Петровска-Шешова, специјалист дерматолог, треба да се внимава на секој дел од телото, но особено е важно да се внимава на оној дел од телото затоа што е повеќе изложен на надворешни влијанија и на температурни разлики, како што се лицето, вратот, деколтето и рацете. Тие се и првиот наш видлив дел од телото кој е изложен на директен контакт со надворешната средина – вели д-р Петровска–Шешова во интервју за „Република“.
Зимата е при крај, доаѓа пролетта. Какви промени може да очекуваме на кожата во овој период од годината?
ПЕТРОВСКА-ШЕШОВА: Пролет е прекрасен период на будење на природата, појава на првите и подолги сончеви денови, кои од своја страна оставаат посебен белег и реакција на нашето тело, а посебно на кожата како најголем орган на човечкото тело кој најмногу реагира на временските промени.Во овој период од годината кожата е дехидрирана, со намалена еластичност, безживотна и уморна. Идеален период е да се направи третман за чистење на лицето кој ќе дејствува регенеративно, ќе ја исчисти кожата од слободни радикали, ќе ги отстранат површинските мртви клетки од кожата, ќе го подобри тонусот и еластичноста на кожата. Тоа се третманите со микродермоабразија, хемискиот пилинг, мезотерапијата и друго. Додека во зимскиот период повеќе бевме сконцентрирани на кремови кои се покоегзистентни, погусти и поконцентрирани, сега треба да почнеме да користиме хидрантни кремови кои ќе ѝ ја вратат влажноста и свежината на кожата.
На кој дел од телото треба да внимаваме особено? Дали е тоа лицето?
ПЕТРОВСКА-ШЕШОВА: Треба да се внимава на секој дел од телото, но особено е важно да се внимава на оној дел од телото што е повеќе изложен на надворешни влијанија и на температурни разлики, како што се лицето, вратот, деколтето и рацете. Сепак, тие се првиот наш видлив дел од телото што е изложен на директен контакт со надворешната средина.
Како можеме да препознаеме дали кожата, посебно на лицето, е дехидрирана?
ПЕТРОВСКА ШЕШОВА: Дехидрираната кожа лесно можеме да ја препознаеме. Таа на прв поглед изгледа безживотно, не е еластична, не е затегната и не е мека. На допир е сува, рапава, може да се лупи и е црвена. Дехидрираното лице има непријатно чувството на затегнатост и на грубост.
Можно ли е да се спречи прерано создавање брчки на лицето?
ПЕТРОВСКА-ШЕШОВА: Прераното создавање брчки може да се спречи ако навремено се почне со соодветна нега и козметика препорачана од дерматолог. Потоа да се вклучат неинвазивни третмани за подмладување (ботокс, филери, мезотерапија, хемиски пилинг) со цел да се превенира и што подолго да се зачува младешкиот изглед.
На што треба да внимаваме, особено во исхраната, за да имаме убава и здрава кожа?
ПЕТРОВСКА-ШЕШОВА: Од особена важност е да се внимава и на исхраната, која навистина поволно влијае врз состојбата на лицето и на кожата на целото тело. Кожата е огледало на тоа што ни се случува во нашиот организам. Со оглед на тоа дека напролет исхраната може да изобилува со многу овошје и зеленчук, тоа поволно влијае на квалитетот и на состојбата на нашата кожа.
Дали скапите кремови за лице се гаранција дека ќе имаме убава кожа?
ПЕТРОВСКА-ШЕШОВА: Не мора секогаш да значи дека скапите кремови се добар избор за нашата кожа. Некогаш правилен избор и препорачана козметика од дерматолог, дерматолошка медицинска козметика, може многу повеќе да помогне за разлика од брендирана и скапа козметика. Но, важна е процената на кожата, односно за каков тип кожа се работи и изборот да е индивидуален.
Што е најважно во негата на кожата на лицето по триесеттата година?
ПЕТРОВСКА-ШЕШОВА: Важно е секоја девојка и жена уште од најмала возраст да биде едуцирана за тоа колку е важна негата на кожата. Со негата на кожата треба да се почне од најрана возраст и доколку премине во навика и култура, таа нега само може да продолжи и да се надоградува. Како резултат на тоа, бенефитот натаму ќе биде уште поголем. Колку е важно навременото негување на кожата треба да се научи уште од тинејџерска возраст бенефитот натаму е неизбежен. На пример: микродермоабразија, лесен хемиски пилинг и чистење на лицето и редовна хидратација е правилен избор за млада кожа. Неколку совети за нега на кожата на жени постари од 30 години: добар сон, умерена физичка активност, правилна и здрава исхрана, користење соодветна козметика препорачана од дерматолог, редовни третмани за подмладување, користење кремови со заштитен фактор при изложување на сонце, консумирање два литра вода дневно и чистење на кожата пред легнување.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
(интервјуто е објавено во 238. број на неделникот Република кој излезе во печат на 24.3.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.