| четврток, 6 декември 2018 |

Како изгледал животот пред вакцините?

Противниците на вакцинацијата, чијшто растечки број во светот за последица има низа епидемии на болести, кои благодарение на добрата вакцинација на популацијата се сметаа речиси за исчезнати, заговараат свет во кој никој нема да ги вакцинира нивните деца. Во нивните мозоци вакцините се отровни, опасни и можат да предизвикаат тешки невролошки болести.

Притоа, забораваат дека не толку одамна сме живееле токму во таков свет и тоа од многу едноставна причина, вакцинацијата каква што ја познаваме денес, едноставно, не постоела. И поради тоа, да погледнеме како изгледал животот во Хрватска, но и во светот, без вакцинации.

Иако противниците на вакцинаците сипаниците ги сметаат за безопасна болест, треба да се потсетат дека во време пред вакцинацијата за сипаници во САД стотици луѓе умирале од компликации што се поврзуваат за оваа болест (како што е енцефалитис, воспаление на мозочните клетки). Инаку, енцефалитис се јавува  во еден на 1.000 случаи на сипаници, а секој 3.000 заболен од сипаници умира од компликации. Тоа денес, можеби, не звучи страшно, но треба да се знае дека пред почетокот на масовната вакцинација речиси секое лице во САД боледувало од сипаници. Покрај тоа, околу пет проценти деца со сипаници добиваат воспаление на белите дробови, а таа ни во денешно време никако не може да се смета за безопасна болест.

Според податоците на американскиот Центар за контрола на болести ЦДЦ, во епидемијата на рубеола во 1964-65 година се разболеле 12,5 милиони Американци, од кои умреле 2.000 бебиња, а се забележани и 11.000 спонтани абортуси. За споредба, во 2012 година, по вакцинација на популацијата, во САД се забележани само девет случаи на рубеола. Ако се присетиме на потешките болести, како дифтерија, треба да се истакне дека од оваа болест само во 1921 година во САД умреле околу 15.000 луѓе. По спроведеното масовно вакцинирање дифтеријата речиси целосно исчезнала и од 2004 година до денес во САД е забележан само еден единствен случај со оваа болест. Да потсетиме, дифтеријата може да предизвика невритис и миокардитис, а во случај на развој на компликации смртноста е од пет до 10 проценти.

Каква била состојбата во Хрватска пред спроведување на програмата за масовна вакцинација на населението? На пример, од дифтерија во Хрватска пред воведување на вакцинацијата годишно умирале сто лица, а од компликации поврзани со сипаниците умреле десетици деца годишно. Од тетанус, на пример, пред вакцинациите, секоја година умирале по неколку десетици работно активни лица. Од детска парализа, болест што била речиси искоренета со употреба на вакцини, годишно, исто така, умирале десетици деца, а исто толку од нив развивале трајна инвалидност.

Во прегледите на Хрватскиот завод за јавно здравстгво ХЗЈЗ може да се видат графикони што јасно покажуваат колку ефективната вакцинација ги искоренила тешките болести во Хрватска. Во уште еден преглед се претставени сите нус-појави на вакцинациите забележани во 2012 година, а кои покажуваат колку се безбедни современите вакцини.

Овие податоци можат да се бројат долго, но сите тие укажуваат само на едно: фантазиите на противниците на вакцините за свет во кој никој нема да се вакцинира не е само од незнаење, туку тие се и катастрофално опасни.

Извор: Тпортал – Загреб

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top