За голем број двојки медениот месец вклучува добар одмор, кој во најдобар случај трае по неколку дена.
Но, тоа правило не важеше за Ен и Мајк Хауард од Њујорк, бидејќи нивниот „меден месец“ траел точно 675 дена. Тие заклучиле дека „неколкудневен одмор“, едноставно, не им е доволен, па во текот на брачното патување го прошетале целиот свет.
Двојката се вратила во САД откако посетиле 302 локации во 33 земји и шест континенти, при што нивниот буџет бил 45 долари дневно.
– Кога ја избиравме дестинацијата заклучивме дека списокот е премногу долг, а живототот прекраток. Заштедивме пари, немаме деца, здрави сме, светот е голем и нема подобар момент за патување. Уверени сме дека медениот месец мора да биде бомбастичен и дека мора нешто да значи, а не да остане само уживање во луксузот – изјави 32-годишната Ен.
Тие тврдат дека трошеле по околу 40 долари дневно, но тоа не важи за Велика Британија, Јапонија или Австралија каде што трошоците се многу поголеми отколку, на пример, во Виетнам, Туција или во Боливија.
– Норвешка нè чинеше по повеќе од 70 долари дневно, но затоа во Југоисточна Азија минуваваме со по помалку од 20 долари. Штедевме на различни начини, па излезе дека патувањето околу светот е поевтино од изнајмувањето на станот во кој живееме – рече Мајк.
По враќањето во САД, тие отвориле сопствена компанија, која ќе им помага на младите двојки да го направат истото што и тие.
– Не сме агенција за патување, но толку научивме во овие две години што сакаме да го споделиме искуството со сите што имаат ист сон како и ние, а не знаат како да го направат тоа. Ги учиме како да го испланираат патот и да добијат непроценливи искуства. Сакаме луѓето да знаат дека не треба да бидат милионери за да заминат на патување – заклучуваат Ен и Мајк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



