| четврток, 6 декември 2018 |

Столтенберг: Неприфатливо е проширување на територијата на сепаратистите

стол

Неприфатлив е секој обид за проширување на територијата што сепаратистите ја држат на истокот на Украина, предупреди денеска шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, барајќи, исто така, Русија од оваа територија да повлече 1.000 парчиња воена опрема.

По средбата со италијанскиот премиер Матео Ренци, шефот на НАТО изрази умерен оптимизам за иднината на кревкото примирје меѓу проруските и украинските сили, пренесоа француските медиуми.

Тој, исто така, истакна дека е многу важно сите страни во полна мерка да го почитуваат прекинот на огнот и да го повлечат тешкото вооружување.

– Русија во последните месеци во источна Украина префрли повеќе од 1.000 парчиња воена опрема – тенкови, артилерија и модерни системи за противвоздушна одбрана. Тие (Русите) мораат да го повлечат тоа оружје и да престанат да ги поддржуваат сепаратистите – рече Столтенберг, нагласувајќи дека е важно сите страни да го почитуваат договорот од Минск.

– Секој обид и натаму да се проширува територијата што ја држат сепаратистите ќе биде јасно кршење на спогодбата од  Минск и прекинот на огнот. Тоа ќе биде неприфатливо за меѓународната заедница – истакна Столтенберг.

Неговата изјава уследи откако украинската војска најави почеток на повлекувањето на тешкото вооружување од линијата на фронтот.

Повлекувањето на сето оружје со калибар поголем од 100 милиметри треба да придонесе за создавање тампон зона меѓу двете завојувани страни, со широчина меѓу 50 и 140 километри, во зависност од дометот на оружјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top