| четврток, 6 декември 2018 |

Цел месец смеење во Театар Комедија за 100 денари

„Во март насмевката = 100 денари״ е името на кампањата со која ќе се намалат цените на билетите со цел – поголема достапност на театарот

teatar komedija

Театар Комедија во март го одбележува третиот роденден и по тој повод цената на билетите за претставите ќе чинат 100 денари, информираат од Театарот.

„Во март насмевката = 100 денари“ е името на кампања со која ќе се намалат цените на билетите со цел – поголема достапност на театарот.

– Имајќи ја предвид важноста на македонските автори и потребата за валоризација на нивниот труд, Театар Комедија го става во фокусот на вниманието режисерскиот опус на Наташа Поплавска и нејзината 20-годишна професионална дејност. Овој настан ќе биде одбележан со циклусот наречен „48 часа со Наташа Поплавска“, во кој на 7 и 8 март ќе имаме можност да ги проследиме нејзините активни претстави: „Цветната улица“ автор Киро Донев, продукција Театар за деца и младинци и Арт медија, „Лисистрата“ од Аристофан во продукција на Театар Комедија и Арт медија, „Буре барут“ од Дејан Дуковски во продукција на НТ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, „Госпоѓа министерка“ од Бранислав Нушиќ, продукција на МНТ и Вртелешка, „Како мене Пјаф“ со Фолтин во продукција на Народен театар – Битола и Арт медија – велат од Комедија.

Театар Комедија во соработка со Црвен крст на 11 март, од 11 часот до 16 часот, ќе организира крводарителска акција во фоајето на театарот и ги кани сите колеги и заинтересирани граѓани.

Репертоарот на Театар Комедија во март ќе биде збогатен со уште една премиера, праизведба на текстот „Нешто пропуштаме״ на писателот Горјан Милошевски во режија на Бојан Трифуновски.

Благодарение на соработката со Хотел-ресторан „Русија“, гледачите ќе имаат можност да бидат наградени со вредносни ваучери за спа-центарот во хотел- ресторан „Русија“, а гостите на „Русија“ ќе имаат можност да добијат билети за претставите во март.

Театар Комедија во својата акција ќе ја вклучи и издавачката куќа „Лакрима Литералис“ која во просториите на театарот ќе продава книги по популарна цена.

– Театар Комедија ги отвори своите врати за театарите од внатрешноста и со тоа да ѝ овозможи на скопската публика да ги види претставите кои се случуваат и надвор од главниот град. По гостувањето на охридски театар во декември, следното гостување е на „Буре барут“ на НТ Прилеп, а следниот месец ќе гостува „Лулка“ на НТ Штип – додаваат од Комедија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top