| четврток, 6 декември 2018 |

Промовиран аудиоплеер за лицата со посебни потреби

Во Центарот за конференции и студии при Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска беше претставено победничкото решение на конкурсот „КулТИП“ – аудиоплеер за лица со посебни потреби.

Аудиоплеерот го изработија НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје и Факултетот за информатички науки и комјутерско инженерство (ФИНКИ) и има за цел да овозможи полесен пристап до аудиосодржините обезбедени од Одделението за слепи и слабовидни лица при НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Покрај основните функционалности вообичаени за ваков вид софтверски решенија, при изработката на овој аудиоплеер особено беше обратено внимание на спроведување на препораките од конзорциумот W3 за достапност на интернет- содржини за лицата со посебни потреби.

Плеерот е повеќејазичен (на македонски, англиски, германски и шведски, а наскоро ќе биде достапен и на албански, турски и на кинески).

Изворниот код на аудиоплеерот е објавен како бесплатно решение и е јавно достапен на GitHub преку корисничката сметка на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Исто така, изработена е и посебна веб-страница каде што заинтересираните лица можат да ги разгледаат сите функционалности на аудиоплеерот. Тој наскоро ќе биде интегриран во Дигиталната библиотека на Македонија и ќе служи за пренос на аудиокниги од Одделението за слепи и за слабовидни лица при НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Инаку, аудиоплеерот е резултат од проектот „Веб аудиоплеер за лица со посебни потреби“ со кој Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје и Стопанската комора за информатички и за комуникациски технологии (МАСИТ) учествуваа на конкурсот „КулТИП 2014“ што го организираше Британски совет во соработка со Факултетот за информатички науки и комјутерско инженерство (ФИНКИ).

На овој конкурс за иновативни решенија и за воведување на нови дигитални технологии во културните институции беше доделена прва награда за аудио плеерот за лица со посебни потреби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top