| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Ќе бидеме светски прваци“ премиерно на 19 март во Скопје

Филмот „Ќе бидеме светски прваци“ за основачите на познатата „југословенска школа за кошарка“ и за првиот златен медал на светското кошаркарско првенство во Љубљана во 1970 година го режираше Дарко Бајиќ

ke bideme svetski prvaci

Филмот „Ќе бидеме светски прваци“ премиерно во Скопје ќе биде прикажан на 19 март, соопштија од дистрибутивната куќа МЦФ МКД.

Филмот „Ќе бидеме светски прваци“ за основачите на познатата југословенска школа за кошарка и за првиот златен медал на Светското кошаркарско првенство во Љубљана во 1970 година го режираше Дарко Бајиќ. Сценариото го напиша Небојша Ромчевиќ во соработка со Гордан Михиќ и Огњен Свиличиќ, по идеја на Звонимир Шимунец кој воедно е и автор, и со Дејан Петровиќ, продуцентот на овој значаен проект. Во филмот настапуваат и македонските актери Тони Стојановски и Сашко Коцев.

Главните улоги на пионерите на кошарката на нашите простори ги играат млади актери. Улогата на Небојша Поповиќ, кој како првиот меѓу еднаквите го почна кошаркарскиот бум во поранешна Југославија, ја игра извонредниот млад актер Страхиња Блажиќ. Милош Биковиќ е во улога на Радомир Шапер, претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Југославија. Александар Радојчиќ го толкува ликот на Бора Станковиќ, кој беше првиот човек на ФИБА, додека Марко Јанкетиќ е во улогата на Александар Николиќ, творецот на југословенската кошаркарска школа, кој воспоставил специфична филозофија за играњето на овој спорт.

Во другите улоги играат актери од Србија, Хрватска, Словенија: Леон Лучев, Сергеј Трифуновиќ, Ива Бабиќ, Небојша Дугалиќ, Нина Јанковиќ, Тамара Драгичевиќ, Стефан Капичиќ, Јуре Хенигман, Горан Богдан, Радован Вујовиќ, Роберт Курбаша, Крешимир Петар Ќосиќ и други.

ke bideme svetski prvaci1

Американскиот актер Џон Севиџ, најпознат по своите улоги во култните филмови „Коса“ и „Ловец на елени“, го толкува ликот на Вилијам Џонс, кој беше еден од основачите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) во 1932 година.

Филмот „Ќе бидеме прваци на светот“ е работен во копродукција со партнери од Хрватска и од Словенија и е сниман на локации во Србија, Хрватска, Словенија и Македонија. Една од насловните песни на филмот ја изведува македонскиот пејач Даниел Кајмакоски.

Филмот „Ќе бидеме светски прваци“ е приказна за четворицата пионери, кои ја основаа југословенската кошаркарска школа и кои се заслужни за развојот на овој спорт во Европа. Централен настан во филмот е финалниот натпревар на Светското кошаркарско првенство во Љубљана во 1970 година меѓу репрезентациите на Југославија и САД. Од гледната точка на главниот лик Небојша Поповиќ го следиме развојот и животниот пат на ентузијастите кои со својот професионализам, идеи и напори го остварија својот сон – првиот златен медал на Светското првенство.

Филмот е сместен во два различни временски периода – во сегашноста и во сеќавањата на Небојша Поповиќ.

Животниот пат на кошаркарите почнува уште веднаш по Втората светска војна и продолжува во комунистичката држава каде тие единствено во кошарката наоѓаат место ослободено од политиката. Главниот лик, Небојша Поповиќ, сега на 40-годишна возраст, доаѓа во Љубљана на финалниот триумф на вербата која ја негувал дваесет и пет години, уште од времето кога играл кошарка во војнички чизми. Истовремено ги следиме и играчите кои се подготвуваат за финалниот меч. Најдобриот играч на Југославија, легендарниот Радивоје Кораќ, загинал една година пред натпреварот, а главниот играч и капитен на тимот, Иво Данеу, е повреден, така што носителите на играта се младите кошаркари кои подоцна ќе станат асови на меѓународната кошарка.

ke bideme svetski prvaci2

 

Целата нација е во исчекување, вклучувајќи го и државниот врв. Дваесет и трети мај е денот кога државниот тим на Југославија конечно го освојува својот прв златен медал на првенството во Љубљана. Југославија триумфира во екстаза од заедништво и патриотизам. Целата земја се наоѓа во транс, а претседателот Тито е задоволен. Се разбира, историјата на оваа приказна ѝ придава горчлив вкус на залудност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top