
Се евакуираат вредните икони од црквите во дебарско-кичевскиот крај, од каде што во изминатите шест месеци беа украдени повеќе десетици експонати, претежно од преродбеникот Дичо Зограф, најпознатиот црковен сликар од 19 век на Балканот, пишува „Дневник“. Акцијата се спроведува по серијата кражби што почнаа лани во октомври, а кулминираа пред дваесетина дена кога исчезнаа 32 икони од црквата „Св. Петар и Павле“ од мијачкото село Тресонче, родното место на Дичо Зограф. Негови дела во изминатиот период се украдени од неколку цркви во дебарскиот крај – „Св. Илија“ во Селце, „Св. Богородица“ во селото Росоки и „Св. Богородица“ во Дебар. Извори блиски на истрагата велат за „Дневник“ дека во сите случаи организацијата е иста.
– Можеби сторителите се различни, но нарачателот е ист. Во тек е поширока акција, вклучени се и соседните земји. За последната кражба сѐ уште нема цврсти податоци, се претпоставува дека предметите сѐ уште се тука. Но, постојат индиции дека некои икони од претходните кражби веќе ја напуштиле Македонија – велат нашите извори.

Во координирана акција со Македонската православна црква се дислоцираат повредните икони од регионот. Тие привремено се депонираат на сигурни места. Слична акција беше спроведена лани во ноември кога беа евакуирани иконите од цркви што беа на удар на крадци – селата Модрич, Долна Белица, Горно Луково, Нерези и други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


