Четириесет лица се повредени откако комби полно со илегални мигранти излетало од автопатот во близина на Долна Крајница кај Лесковец, јавуваат српските медиуми. Петмина се борат за живот, со повреди на главата и на половината, а дваесет од нив завршиле со тешки повреди.
Несреќата се случила утрово пред пет часот, а сите повредени се пренесени во лесковачката општа болница. Началникот на Ургентен центар на болницата во Лесковец, Милан Стојковиќ, за српските медиуми изјавил дека поголем дел од мигрантите имале фрактури на меките ткива, но и на ‘рбетот. Кај тројца од повредените констатирана е квадрлиплегија, односно прекин на ‘рбетен мозок.
Во Ургентниот центар во Лесковец велат дека не паметат таква несреќа, а во текот на денот дел од емигрантите ќе бидат пренесени во Клиничкиот центар во Ниш.
Најголем дел од повредените се емигранти од Сирија, Бангладеш, Нигерија, кои илегално влегле во Србија, а се претпоставува дека се упатиле кон некоја од земјите на ЕУ.
Се претпоставува дека причина за несреќата е неприспособена брзина, со оглед на фактот што комбито излетало од автопатот кон една нива повеќе од 150 метри.
Сообраќајот на автопатот Коридор 10, меѓу Лесковец и Ниш, се одвива нормално, без прекини, јавуваат српските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.