Четири лица загинаа, а едно е повредено при несреќа во површинскиот коп за јаглен „Дубрава“ во близина на босанскиот град Тузла, пренесува МИА.
Спасувачките екипи синоќа ги открија телата на четворицата загинати, откако тие останаа затрупани при одрон во површинскиот коп, предизвикан од земјотрес со интензитет од 3,6 степени според Рихтеровата што го зафати реонот на Тузла ноќта меѓу саботата и неделата.
Претставник на локалната полиција информира дека четворицата загинати и повредениот со два трактори во саботата вечерта пристигнале на површинскиот коп со цел илегално да вадат јаглен.
Портпаролот на Клиничкиот центар во Тузла, Ерсија Ашќериќ-Мујединовиќ соопшти дека повреденото лице при несреќата било пренесено на Клиниката за ортопедија и трауматилогија, но дека по укажаната прва помош одбило хоспитализација и си заминало дома.
Илегалната експлоатација и кражбите од рудниците се честа појава во БиХ, каде невработеноста надминува 40 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.