
Македонскиот балет ќе учествува утре, во 19.30 часот, на големата сцена во Народно позориште во Белград, каде што ќе се одржи балетски гала-концерт по повод 50 години постоење на УБУС.
Во првиот дел од концертот солистката на македонскиот балет Ивана Коцевска, заедно со солистот Јован Веселиновиќ од Србија, ќе одигра адаџо од балетската претстава „Самсон и Далила“, додека во вториот, публиката во Белград ќе види адаџо од претставата „Есмералда“, кое ќе го одиграат првенката Александра Мијалкова и солистот Васил Чичијашвили од Грузија.
Здружението на балетски уметници на Србија е единствено репрезентативно и врвно еснафско здружение во сферата на уметничкиот танц во Србија. Основано е во 1962 година. Во својот состав опфаќа професионални танчери, кореографи, балетски педагози, репетитори, критичари и теоретичари со цел заштита на заедничките интереси, унапредување на професијата, презентации и афирмации на уметничкиот танц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


