
Театарот за деца и младинци е целосно ентериерно уреден со проект и финансии на Министерството за култура.
Покрај обновената внатрешност, оваа национална установа е и доекипирана, вработени се осум нови актери, по двајца режисери и драматурзи и административен кадар.
Театарот денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е задоволна што во краток рок е извршена реконструкција со која театарот доби нов изглед и е ставен во функција, и вечерва (21-ви февруари) во нов амбиент ќе ја изведе претставата „Могли“.
Остануваат уште неколку помали зафати со кои проектот ќе биде целосно завршен.
– За краток период се успеа да се завршат многу работи. Целта на проектот е подобрување на условите за работа во оваа институција. Тој опфати реновирање на салата каде што се изведуваат претставите, сменети се седиштата, завршена е електричната инсталација, реконструкција на фоајето, нов мебел, целосно уредување на тоалетите за посетители и за вработените. Ќе има и поставување на телевизиски екрани однадвор каде што ќе се движи репертоарот на театарот, за јавноста да биде информирана за секоја претстава, ќе се довршат и гримјорните за актерите, изјави Канческа-Милевска.
Најави дека салата ќе добие и техничка опрема (аудио и светлосна) во рамки на проектот на Министерството за култура за опремување на сите тетари со современа технологија, која се очекува да пристигне идниот месец.
Директорот на Театарот за деца и младинци, Драган Довлев рече дека поради двојно зголемениот број на актери – од осум на 16, двете гримјорни се мали и ќе се направат уште две со пренаменување на помошни простории.
– Треба да се напомене дека предвидената сума од шест милиони денари за реновирање на ентериерот на Театарот за деца и младинци ќе биде намалена на нецели четири милиони денари – сума за која сето ова ќе биде завршено, истакна Довлев.
Тој е задоволен од посетеноста на театарот која, како што рече, е над 90 проценти од капацитетот (120 седишта). Во декември имале 31 претстава со над 3.500 посетители.
Театарт годинава ќе има балканска турнеја, а со претставите „Македонска приказна“ и „Оливер Твист“ ќе гостува и во Монс, Белгија, кој е престолнина на европската култура во 2015.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Театар за деца и младинци ќе го прави првиот македонски мјузикл за деца
-
Кренаре Невзати- Кери го постави Шекспир за деца во Театарот за деца и младинци
-
Театар за деца и младинци ја подготвува претставата „Сонот на Вилијам“ посветена на Иван Ивановски (фотогалерија)
-
Стотта изведба на „Цветната улица” на Театарот за деца и младинци


