Време е отворено, и со факти, и тоа непобитни факти, да се проговори за менаџирањето на контролата на летање од страна на СФОР, поконкретно ДЕТАИР, францускиот детачмент во составот на СФОР, на аеродромот во Мостар. Важечки стандард е давателот на услуги на воздухопловна навигација (во случајов ДЕТАИР Мостар) да управува со техничките средства, уредите, опремата и објектите за давање услуги на воздухопловна навигација. Од друга страна, а со цел за обезбедување безбеден редовен и непречен воздушен сообраќај, давателот на услуги на воздухопловна навигација изготвува и донесува програма за давање услуги на воздухопловна навигација која, меѓу другото, опфаќа развој на човековите ресурси, техничко-технолошка сообразност на техничките средства, уредите, опремата и објектите за давање услуги на воздухопловна навигација во согласност со меѓународните стандарди (таква програма СФОР немал). Тука треба да се нагласи дека давателот на услугите на воздухопловна навигација треба да обезбеди систем на препознавање, процена и намалување на ризиците кои се присутни при давањето на услугите на воздухопловна навигација во согласност со прифатените меѓународни стандарди. Очигледно, во овој случај ДЕТАИР бил многу далеку од пропишаниот систем на менаџирање на безбедноста/сигурноста (Safety Menagement System), како и од неопходниот систем на управување со квалитет (Quality Menagement System) во работењето на аеродромот во Мостар. Што конкретно значи ова? ДЕТАИР морал да има податоци дека во поглед на процедурата, VOR/DME навигациското средство не било целосно исправно, во смисла дека неговата употребливост не ја покривала целата област на слетување според процедурата. Понатаму, ДЕТАИР не презел никакви навремени мерки за да обезбеди систем и давање услуги на воздухопловна навигација во согласност со меѓународните стандарди на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO). Ова е особено значајно и од аспект дека наведената процедура била дизајнирана да се изведува со радарски надзор, кој подоцна неовластено бил укинат, а радарот отстранет од аеродромот, па губењето на сигналот од навигациското средство, во такви услови на немање радарско мониторирање, се покажало кобно за летот на „кингерот“. Тука доаѓаме до врвот на апсурдот. Во текот на повторената истрага е откриена уште една публикација на процедурата VOR-DME RWY 34 од 19.02.2004 година. Тоа е процедурата што контролорот на летање ја користел на 26.02.2004 година при слетувањето на „кингер Б200“ на аеродромот во Мостар. Таа процедура е означена како „Instrument Approach Chart, 1.04. Mostar (LQMO) VOR/DME RWY 34“ од 19.02.2004 година. Да изброиме конкретно, тоа е само 8 (осум) дена пред летот на Z3-BAB за Мостар. Во што се состои апсурдот? Генерал Жан-Луј Казанева на писмено изјавил дека важечка процедура е процедурата публикувана на 20.02.2003 година. Директорот на Дирекцијата за цивилна авијација на БиХ, Амадео Мандиќ, писмено изјавил дека важечка процедура е VOR DME RWY 34 01.02.2003 година. И на крајот, контролорот на летање не ја користел ниту првата ниту втората процедура, туку процедура VOR DME RWY 34 публикувана 19.02.2004 година.
Овде, на дело и пред очи, имаме три различни состојби за една иста процедура. Процедурата VOR DME RWY 34 публикувана на 01.02.2003 година е одобрена и објавена од страна на BHDCA. Процедурата VOR DME RWY 34 од 20.02.2003 година е одобрена и објавена од страна на DIRCAM. Процедурата VOR DME RWY 34 1.04 MOSTAR (LQMO) од 19.02.2004 година е објавена од страна на DIRCAM и е модификација на фреквенцијата за воените корисници наменета исклучиво за нив. Од тие причини, нејасно е зошто контролорот на 26.02.2004 година ја користи таа процедура, во случај кога станува кога станува збор за воздухоплов кој врши цивилна воздушна пловидба.
СФОР до ден-денес не даде одговор, ниту во првата истрага ниту во повторената истрага, кој и врз основа на што одобрил контролорот да ја користи процедурата публикувана на 19.02.2004 година (која била наменета само за воени корисници и исклучиво за нив), а тој ја користел за регулирање цивилен воздушен сообраќај на работното место на 26.02.2004 година при слетувањето на воздухопловот на Владата на Република Македонија, „кингер Б200“ со регистарска ознака Z3-BAB.
Со вакви вредности и резултати не е дозволиво и СФОР не смееле да објават процедура каква што била „INSTRUMENT APPROACH CHART 1.06 MOSTAR“, VOR/DME RWY 34. Наведената процедура за приод и слетување не смеело да му биде одобрена и определена на екипажот на „кингерот“ од страна на контролата на летање на аеродромот во Мостар. СФОР не презеле никакви мерки за да ја стават надвор од употреба наведената процедура и на тој начин да обезбедат систем и давање услуги на воздухопловна навигација во согласност со меѓународните стандарди, ниту обезбедиле безбеден, редовен и непречен воздушен сообраќај.
Многу битни, а во исто време загрижувачки се уште две работи.
Првата, е тоа што главниот истражител на несреќата на „кингерот“ од 2004 година, Салко Бегиќ, до 27 февруари 2004 година, до 19.30 часот, не ја поседувал лентата од комуникацијата на екипажот на воздухопловот и контролата на летање. Дотогаш СФОР ја поседувале таа лента и буквално ја криеле од надлежните субјекти, главниот истражител и Центарот за спроведување на акцијата за потрага и спасување во БиХ, кои требале да ги организираат истрагата и акцијата за потрага и спасување. Ете зошто, наводно, авионот не бил пронајден повеќе од 24 часа по случувањето на несреќата. Инаку, основно правило кога ќе се случи несреќа на воздухоплов е главниот истражител прв да ја преслуша наведената лента и да се обиде да лоцира каде и кога се случила последната комуникација меѓу екипажот и контролата на летање за да се знае каде да се насочи акцијата за пронаоѓање на воздухопловот. Во случајот на „кингерот“ тоа било 8 (осма) наутичка милја, што значи дека потрагата треба да се одвива оттаму, па кон аеродромот, а не како што ја спроведеле СФОР, од 8 наутичка милја кон Столац, во спротивна насока од аеродромот во Мостар, кон 25 наутичка милја. Ова дефинитивно не е незнаење, туку намера, ама каква? Е тоа мислам дека треба да го истражуваат некои други органи, не воздухопловни, туку истражни, судско-обвинителски.
Втората, пак, е податокот дека Комисијата за истрага била формирана дури на 02.03. 2004 година, кога и почнала да работи. И сега ајде да погодуваме, ама само од трипати, кој од 26.02.2004 до 02.3.2004 година ја организирал, координирал и спроведувал истрагата? Сите факти покажуваат и потврдуваат дека во тој период голем број круцијални факти се обезбедени погрешно или се уништени целосно.
Ова е многу битна информација, која го допира неправилното постапување или поточно непостапувањето на еден друг орган во БиХ. Се работи за Државното обвинителство на БиХ или поточно постапувањето на замениците на државниот обвинител, Меџида Кресо и Васо Маринковиќ. Замислете, обвинителите, кои излегле на самото место на несреќата на 27.02.2004 година, не дале наредби(налози) за подигање траги за хемиски и други анализи (траги од експлозиви и траги од горива и запаливи материи). Е, тоа го нема ниту во најзафрлените африкански државички, како прво, како второ, во таа несреќа загинаа луѓе, и како трето, загина и претседателот на Република Македонија. Откога некој видел каков и колкав пропуст е направен, се сетил да се подигнат траги на 16.03. 2004 година, 21 ден по несреќата. Ова со професионален јазик кажано е непрофесионално и нестручно однесување на обвинителите, а со еден друг јазик кажано, тоа е мизерно и срамно однесување, однесување што ја бербати обвинителската функција.
(Пишува: Сотир Костов
(Текст објавен во 128. број на неделникот „Република“, 13.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст