Штетите од вчерашниот пожар во главната зграда на АД „Македонска пошта“ – Скопје се минимални бидејќи не е оштетена сервер салата ниту архивата, вели директорот за Македонска пошта Рафиз Алити.
Оштетени се покривот, шалтер салата и некои канцеларии од вториот кат. Првиот кат не е оштетен.
Алити рече дека функционираат нормално и дека очекуваат денеска да се поврзе опремата за да функционира уплатата и исплатата, а пратките се сигурни.
– Засега не можеме да ја кажеме висината на штетата во пожарот. Управниот одбор на АД „Македонска пошта“ – Скопје и денеска ќе се состане. Уште утре ќе се формира Комисија, која ќе ги направи проценките за висината на штетата. Денеска истражните органи се во зградата и ги утврдуваат причините за пожарот, посочи Алити.
Пожарот, истакна тој, почна на вториот кат и претпоставуваме дека тоа било спој на електричните жици.
Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека имале отворен тендер за осигурителна компанија, кој уште не е затворен, има клаузула во која стои дека секој кој ќе го добие ќе го надомести осигурувањето на зградата, кое важи од 1 јануари годинава.
– Тој што ќе го добие треба да ја покрие штетата. На тендерот имавме четири-пет компании што се заинтересирани. Очекуваме за четири до пет дена да се вратиме во зградата бидејќи сите канцеларии што ги користевме се во добра состојба, додаде Алити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.