Британскиот министер за одбрана, Мајкл Фалон, изјави дека следна цел на рускиот претседател Владимир Путин ќе бидат земјите од Балтикот. Постои реална опасност рускиот претседател да почне кампања за прикриен напад за дестабилизација на балтичките држави, од источното крило на НАТО – рече Фалон во разговор за „Дејли телеграф“, пренесе МИА.
Според британскиот министер, тоа би требало да биде тестирање на подготвеноста на Северноатланскиот сојуз да реагира на истите (руски) методи што беа применети при анексијата на Крим и интервенцијата во источна Украина.
Фалон вели дека со покренување на „мрачна кампања“ за инфилтрирање, пропаганда, прикриени воени сили и кибернетски напади, каква што се употреби во раната фаза од украинскиот конфликт, треба да се „распалат етнички тензии“ во Естонија, Литванија и во Летонија.
– НАТО во секој случај мора да биде подготвен за да одговори на една руска агресија во каква било форма таа да биде преземена – порачува британскиот министер за одбрана.
Тој притоа не вели ништо за тоа дали Велика Британија (и НАТО) би почнале и воен судир со Москва, пренесе МИА.
Изјавата на министерот Фалон доаѓа по повлекувањето на украинската војска од Дебалцево, по силната офанзива на проруските сепаратисти, што лондонскиот весник го означува како пораз на Украинците.
Британскиот министер смета дека последните преговори во Минск за мировно решение за украинскиот конфликт се слични на претходните неуспешни напори на Западот затоа што не се успеало да се натера Русија да ги предаде под украинска контрола источните граници.
Во текот на преговорите за Минск 2, Русија инсистираше дека не е фер во оваа фаза, кога уште не се разрешени политичките прашања, да им се препушти украинско-руската граница на владините сили бидејќи тоа би значело сепаратистите да бидат ставени под опсада, пренесе МИА.
Со договорот од Минск е предвидено источната граница да им биде предадена на украинските сили до крајот на оваа година, но доколку во тој рок бидат исполнети условите за давање специјален статус за источните региони Луганск и Донецк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.