Подготовките за единаесеттото издание на Моден викенд Скопје, кое ќе се одржи од први до петти април, традиционално почнаа со фотосесија за стилот на сезоната пред објективите на тандемот „Ани и Дими“, информираат од Моден викенд Скопје.
– Моден викенд Скопје за пролет/лето 2015 ќе води во минималистички, мирен и топол моден свет бидејќи во екстремно динамично и технолошки- напредното време во кое живееме често забораваме да здивнеме, да направиме пауза, да застанеме и да уживаме во моментите. Во новиот стил преовладуваат топли и релаксирани бои кои даваат приземност во модното изразување – велат од организацијата.
Заштитни лица на новата сезона се Вања Трампевски и Ивана Дуковска од модната агенција „Подиум“.
– Претстојните пролет/лето ќе бидат во знакот на сосема природен изглед на лицето, топли нијанси на сенки, палета од песочни тонови и бронзен тен на телото. Потенцираните трепки и силната шминка во наредните месеци ќе бидат апсолутен аут – вели шминкерот Зоран Шурбевски, кој се погрижи за шминката на заштитните лица.
Тимот од „Бубе студио ин“, кој во соработка со „Лакме“ ги направи фризурите, за новата сезона советува брановиден изглед, благо прекршена коса и неформален природен изглед.
– Во однос на боите кои ќе бидат актуелни, модните амплитуди ќе се движат од медовата, преку лешник и карамела, па сѐ до огнено портокаловата боја – вели познатиот стилист.
Фотографиите од бекстејџ атмосферата ги направи Марина Трајковска, а за изгледот се погрижи Виктор Цветановски во соработка со „Фешн груп Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.