Сообраќајот на патиштата во државава се одвива без забрани, по претежно суви коловози.
Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ) препорачува исклучително внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците што минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде што е можна почеста појава на одрони.
Сообраќајот на патниот правец Кочани – Македонска Каменица е нормализиран. Поради потенцијални одрони на возачите им се препорачува внимателно управување со возилата и почитување на поставената патна сигнализација.
На патниот правец Лакавица – Неготино на седум километри над село Лескоица е извршена санација поради пропаѓање на патот од 200 метри. Санирано е и оштетувањето на патот Виница – Пехчево и сообраќајот е нормализиран.
Поради можен одрон на патниот правец Катланово – Велес, по наплатната станица Сопот, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 200 метри. На патот Страцин – Крива Паланка, на излез од Страцин во правец на Крива Паланка, поради свлечиште зафатена е третата лента од коловозот во должина од 150 метри. Во општина Пробиштип, локалниот правец Злетово – брана Кнежево кој беше во прекин заради свлечиште, е оспособен за сообраќај по една лента во должина од околу 150 метри.
Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница. Алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево – Тработивиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.