Собранието на денешната седница ги прифати во прво читање измените на Законот за работни односи со кои меѓу другото се предвидува поделба на годишниот одмор на повеќе делови.
Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими појасни дека еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Се врши и измена со која на работникот му се овозможува наместо користење на досегашниот еден ден од годишниот одмор по сопствен избор, да користи два дена со претходно известување на работодавачот од три работни дена.
Пратениците ги прифатија во прво читање и измените на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство со кои Центарот за социјална работа ќе треба секогаш кога има сознание за семејно насилство за лице кое поседува огнено оружје, писмено да го извести Министерството за внатрешни работи со цел да се преземат постапки за привремено одземање на оружјето.
Со измените во Законот за социјална заштита пак се зголемува висината на надоместокот за трошоците за сместеното лице и надоместокот за згрижување за 25 отсто и се уредува рефундирањето на средства платени како данок и царински давачки за набавка на возило за лица со најмалку 80 проценти инвалидност на долните екстремитети, за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица.
Според пратеничката Роза Топузовска-Каровска, зголемувањето на износот од 25 проценти не е доволно и потребно е да се обезбедат повеќе средства бидејќи. како што рече, трошоците на семејствата се големи.
Пратениците ги прифатија и ги дадоа на второ читање предлог измените на законите за комунални дејности, за превоз во патниот сообраќај, за јавните патишта, за градење, за просторно и урбанистичко планирање, како и измените во законите за јавна чистота и градежно земјиште.
Во натамошна процедура Собранието ги проследи и измените на законите за полиција и за внатрешни работи, а беше усвоен и финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2015 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.