Украинскиот претседател Петро Порошенко потврди дека ја повлекува војската. Киевските сили масовно го предаваат оружјето, сега држат само 10 отсто од градот. Белорусија им нуди безбеден коридор за повлекување.
Светските информативни агенции јавуваат за изјавата на Порошенко дека ја повлекува својата војска од градот Дебалцево, околу кој со денови се водат крвави борби со силите на самопрогласената Донецка Народна Република, јавува АФП.
– Украинската војска заедно со Националната гарда утрово ја заврши операцијата за планирано и организирано повлекување од Дебалцево. Можеме да кажеме дека досега 80 отсто од нашите единици го напуштија тој град – рече Порошенко во аудио пораката која ја објави неговата прес – служба.
Тој пред заминувањето на првата линија од фронтот ги пофали украинските сили за исполнување на должноста за одбрана на Дебалцево и рече дека тие на светот му го појкажале „вистинското лице на бандитите и сепаратистите кои имаат поддршка од Русија“.
Стотици украински војници од утрово и се предаваат на проруските сили во Дебалцево, соопшти денеска прес-службата на проруските сили.
– Во Дебалцево има масовно предавање на оружјето на украинските сили – рече портпаролот на проруските сили Максим Лешченко, пренесе агенцијата Ројтерс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.