| четврток, 6 декември 2018 |

Бугајски: Русија се радува на грчката дестабилизација на Македонија

bugajskiАмериканскиот аналитичар и експерт за Балканот Јануш Бугајски предупредува дека Русија се обидува да ги продлабочи своите врски со про-руската Влада на Алексис Ципрас во Грција, и воедно да продолжи со блокирање на македонскиот прием во НАТО, надевајќи се дека ќе успее и Македонија да ја стави во својата сфера на влијание. Во текст насловен „Москва се радува на грчко – македонската драма”, експертот на Центарот за европски политички анализи од Вашингтон се осврнува на долгогодишната грчка блокада на приемот на Македонија во НАТО велејќи дека една од стратегиските цели на Русија е да го запре натамошното проширување на НАТО и додава дека и објавувањето на снимките на Зоран Заев придонесува кон оддалечувањето на Македонија од НАТО.

– Со оспорувањето на уставното име на Македонија, Атина упорно оди по руска линија и го блокира македонскиот пат кон НАТО и Европската Унија. Изборот на крајно левото движење СИРИЗА во Грција само го зголемува задоволството во Москва и го засилува анти-НАТО и анти-американското расположение во Атина. Како награда, Путин лично го покани премиерот Алексис Ципрас во Москва”, пишува Бугајски, потсетувајќи дека СИРИЗА држела отворено про-руска страна во конфликтот во Украина, а има контакти и со Александар Дугин, идеологот на идејата за создавање на глобална сила – Евроазија – под руска доминација.

Бугајски оценува дека оттаму новата грчка Влада ќе продолжи да го оспорува македонскиот прием во НАТО, како од досегашните националистички позиции, така и од новата, крајно-левичарска позиција.

– Имајќи ја предвид нејзината идеолошка заднина, грчката Влада ќе го попречи проширувањето на НАТО и приемот на Македонија велејќи дека НАТО е алатка на глобалниот капитализам. СИРИЗА може да ги злоупотреби и грчките националистички чувства, имајќи предвид дека нејзините економски политики се осудени на неуспех. За да добие поддршка од националистичкиот коалициски партнер Панос Каменос за своите економски политики, Ципрас може да ги замрзне преговорите за Македонија, што пак совршено ќе се вклопи и во политиката на Кремљ за запирање на ширењето на Западот, вели Бугајски.

Zaev-bomba-20-Custom-520x346Според американскиот аналитичар, Москва се обидува да се приближи и до Македонија, особено по обвинувањето поднесено за лидерот на СДСМ Зоран Заев во акција Пуч.

– Скопје врие од гласини дека грчката тајна служба се обидува да ја дестабилизира Македонија давајќи му на Заев докази за наводни економски манипулации, што доведе до реакцијата на Владата, пишува Бугајски.

Според него, Русија се надева дека ќе успее да го претстави македонскиот премиер Никола Груевски како уште еден Виктор Орбан, политичар кој ќе биде изолиран од Европската Унија и САД, со што Москва ќе може да се промовира во поддржувач на Македонија и ќе ги турка своите балкански интереси преку нас.

– Примарната цел на Кремљ на Балканот е да ги осуети плановите на Западот. Покрај што ги користи поделбиет во Босна и српско-албанскиот спор, таа во иднина се повеќе ќе игра на грчката и македонската карта, за да спречи било какво решавање на спорот за името. Москва тврди дека поддржува ‘суверени демократски земји’ и се спротиставува на државни удари поддржани од Вашингтон и Брисел, по примерот на тој во Украина. Всушност, САД и ЕУ не се тие кои ја дестабилизираат Македонија, туку грчката безкомпромисност по прашањето на името го дестабилизира целото соседство поттикнувајќи политички и етнички тензии во Македонија. Зголемата нестабилност е во полза на Москва, и го поткопува процесот на проширување на Западот. Кремљ се чувствува многу удобно во политичките лавиринти на Балканот, заклучува Бугајски, во анализата објавена од Центарот за европски политички анализи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top