| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ чека Македонија да побара, за да добие помош за поплавените

еу

Европската унија денеска определи 118.000 евра помош за Албанија по поплавите во оваа земја, а во исто време одблиску ја следи ситуацијата со последиците од оваа природна катастрофа во Македонија и чека нашата земја да побара, за да добие помош од буџетот за хуманитарна помош на Европската комисија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова денеска го потврди Кетрин Реј, портпаролка на Еврокомисијата, прашана зошто Брисел само и помага на Албанија, кога идентични поплави и последици имаше и во македонската држава.
Да, објавивме поддршка на Албанија денеска, а Македонија не побарала некаква поддршка од ЕУ во моментов. Сепак, одблиску ја следиме ситуацијата во земјата и ќе реагираме ако е потребно. Земјата треба да аплицира и да побара помош – истакна портпаролката Реј.
Она што беше интересно во реакцијата на гласноговорничката на неформалната Влада на ЕУ денеска е што во својата изјава го користеше зборот „Македонија за нашата земја, на што ја предупреди грчкиот шеф на портпаролската служба, Маргаритис Схинас, суфлирајќи и од страна да користи „ФИРОМ кога и се обраќа на Република Македонија.
Инаку, денешната помош на ЕК за последиците од поплавите во Албанија е во обезбедувањехрана, хигиенски пакети и ќебиња за 8.000 луѓе. Сето тоа во вкупна вредност од 118 илјади евра, при што средствата ќе бидат канализирани преку албанскиот Црвен крст. Оваа помош е обезбедени од страна на европските земји преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ во координиран одговор олеснет од страна на Координативниот центар за одговор при катастрофи на Европската комисија (ЕРЦЦ). Исто така, ЕУ-земјите: Австрија, Белгија, Хрватска, Унгарија, Словачка и Црна Гора испратија кревети, шатори, кујнски сетови, генератори и друга материјална поддршка за Албанија.

За Македонија, пак, досега ниту една од земјите-членки на Унијата не испрати помош, освен земјата-кандидат Србија, која преку Владата донираше 50.000 евра за помош на погодените од поплавите во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top