Лидерите од „нормандиската четворка“ синоќа телефонски разгледаа комплекс мерки за мирно надминување на конфликтот во југоисточна Украина, пренесе ТАСС повикувајќи се на изјава на прес-службата во Кремљ.
Претседателите на Русија, Украина и на Франција, Владимир Путин, Петро Порошенко и Франсоа Оланд, како и германскиот канцелар Ангела Меркел, конкретно зафатиле прашања што се однесуваат на режимот на прекин на огнот, повлекување на тешкото вооружување на страните во конфликтот, а, исто така, и ситуацијата во реонот на градот Дебалцево.
Четворицата лидери, исто така, размениле мислења за улогата на набљудувачката мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Порошенко, Меркел и Оланд синоќа одржаа одделни телефонски преговори, на кои ја изразија загриженоста од продолжувањето на борбите во реонот на Дебалцево, забележи ТАСС.
Тие, освен тоа, се заложија за обезбедување слободен пристап на набљудувачите од ОБСЕ во зоната на конфликтот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.