| четврток, 6 декември 2018 |

Тони Цетински: Едно е сигурно, нема да штедам ниедна емоција во Скопје

По две години од неговиот последен концерт во Скопје, Тони Цетински повторно се враќа во Македонија, но овојпат на сцената нема да го гледаме сам. Заедничкиот концерт на хрватскиот пејач и Владо Георгиев ќе се одржи на 18 февруари во арената на СЦ „Борис Трајковски“.

Картите се скоро распродадени, а и двајцата музичкари со нетрпение ја чекаат повторната средба со македонската публика.

Во краток разговор за „Република“, Тони Цетински открива дека концертот во Скопје за него значел  исполнување на една долгогодишна желба.

Пред сѐ, моето задоволство беше огромно што настапував пред македонската публика, но бев и позитивно изненаден од добрата забава и пеењето на моите хитови во еден глас. Си заминав дома со полно срце – вели Цетински.

Пејачот додава дека знаел дека тоа ќе биде добар концерт, но повторно останал изненаден.

Слушав многу за македонската публика, но сепак морам да признаам дека бев многу многу позитивно изненаден – вели тој.

И Тони и Владо подготвуваат нешто посебно за следната сабота.

Во ист стил стил како и минатиот пат ќе ја повториме приказната пеејќи ги најубавите љубовни песни со што ќе го одбележиме месецот на вљубените. Спремам позитивна мисла и енергија, отворено срце и многу љубов која ќе им ја пренесам на присутните. Едно е сигурно, јас ќе дадам се од себе, без да штедам ниедна емоција – ветува пејачот.

Цетински не сака да открие дали како минатиот пат, кога на сцената се појави Жељко Јоксимовиќ, така и овојпат подготвува некое изненадување.

Изненадување е изненадување, и да го има не би го откривал – се смее тој.

Картите за концертот чинат 600 денари за партер и 700 денари за седење, а може да се резервираат преку онлајн-мрежата на „купикартизасе“ или да се купат во музичката продавница „Пола Југотон“, „Розе Веро – 2“ и „Ситимол“. За концертот има и организиран превоз и од сите градови во земјава.

Организаторите велат дека со оглед на тоа дека Владо и Тони првпат во животот пеат заедно и ќе бидат на иста сцена, ова ќе биде еден од најдобрите концерти оваа година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top