Собранието на Република Македонија денеска во рамките на 35. седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата.
Тие предвидуваат можност згрижување и воспитание на децата да се организира во детска градинка или центар за ран детски развој во состав на правни лица за потребите на вработените, како и во образовна институција за образование на стручен кадар за предучилишно воспитание, како и можност во состав на јавна детска градинка, односно детска градинка во приватна сопственост да се формира центар за ран детски развој како објект.
Со предложените измени и дополнувања се утврдуваат условите кои треба да ги исполни директор на приватна установа за деца – детска градинка – центар за ран детски развој приватна установа за деца – детско одморалиште и раководно лице во организациона единица во состав на правно лице.
Се дава и решение за намалување на бројот на членовите на комисијата за лиценцирање со цел поефикасно работење, а во функција на подобрување и подигнување на здравата исхрана на децата во установите за деца, се предлага во Стандардите и нормативите за вршење на дејноста да се утврдат и стандарди за исхрана и оброци.
Исто така, измените и дополнувањата предвидуваат утврдување на постапката за основање на установи за деца во насока на олеснување при основањето на установите за деца, како и скратување на постапката при промена на седиштето односно просторните услови на установите за деца.
Пратениците попладнево ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој кои треба да ги доуредат односите кои се однесуваат на користењето на податоците од регистрите и базите на податоците кои се востановуваат во министерството, се прецизираат и доуредуваат начинот и постапката на поднесување на барањата од корисниците за остварување на правото за користење на средства особено обврската за пребивање на средствата со другите неизмирени финансиски обврски и начинот на намирување на обврските кон државата.
Македонските парламентарци го разгледаа и Законот за комплементарна и алтернативна медицина, а за него треба да гласаат на утрешното продолжение на седницата.
За комплементарна и алтернативна медицина, меѓудругите се сметаат, акупунктура и традиционална кинеска медицина (ТКМ), фитотерапија (терапија со билки и чаеви), хомеопатија, остеопатија, натуропатија, киропрактика и ајурведа.
Со законот треба да се идентификуваат и дефинираат дисциплините на КАМ кои ќе бидат дел од здравствениот систем, да се утврдат услови под кои ќе можат да бидат практикувани, да се утврди видот и степенот на стручната подготовка, односно да се утврдат образовните квалификации кои лицето кое сака да практикува некоја од „дисциплините“ на КАМ треба да ги поседува.
Исто така, треба да се создаде механизам што ќе му овозможи на пациентот да биде заштитен од неквалификувани поединци, да му се гарантира максимум безбеден третман, како и да му се овозможи да го оствари правото да избере третман врз основа на точни и целосни информации.
Собранието во прво читање го поддржа новиот закон за управна постапка, чија цел, според предлагачот – Министерството за информатичко општество и администрација, е да се воспостави целосен и сихнронизиран систем на управна постапка.
Со овој систем, како што истакна во образложението министерот Иво Ивановски, треба да се подобри транспарентноста на управните постапки, да се зголеми довербата на граѓаните во јавната администрација, да се поттикне управна пракса ориентирана кон услугите и професионална јавна администрација како суштински услов за економскиот развој, како и да се поддржи ефективното и етичкото однесување на државните и јавните службеници во заштитата на јавниот интерес.
Законот треба да овозможи и да се подобри ефикасноста и економичноста на донесувањето на управните акти во корист и на јавниот интересаи интересот на граѓаните, да се трасира патот и да се започне со примената на современи информатичко-комуникациски технологии за испораката на административните услуги (е-администрација), да се усогласи македонската јавна администрација со стандардите на ЕУ.
Се воспоствува правниот институт „управна помош“ која е соодветна алатка за подобрување на ефикасноста на управните постапки и треба да обезбеди небирократска соработка и меѓусебна помош и поддршка на управните органи.
Овој закон треба да ги утврди правните услови за развој и примена на информатичка комуникација помеѓу јавната администрација и граѓаните – „е-администрација“, која треба да опфати е-помош како ширење информации до пошироката јавност, активности за односи со јавноста…
Е-администрација, според предлагачот, е многу важна форма на комуникација помеѓу управниот орган и учесникот во управната постапка и треба да се сфати како дополнителна можност во работата на јавната администрација. Законот рече Ивановски, треба да гарантира дека оваа техничка можност на лесна комуникација нема да биде на штета на оние граѓани кои немаат пристап до Интернет или кои не ја познаваат информатичката технологија.
Македонското Собрание 35. седница треба да ја продолжи утре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.