Претседателот Ѓорге Иванов денеска го прими српскиот премиер Александар Вучиќ, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, по повод одржувањето на втората заедничка седница на владите на Македонија и на Србија.
Иванов искажал задоволство од размената на меѓусебни посети, оценувајќи дека тоа претставува индикатор за интензитетот на политичкиот дијалог.
– Контактите на највисоко ниво имаат посебно значење и даваат силен сигнал за натамошниот развој на пријателството и соработката меѓу нашите две држави. Заедничките седници на двете влади се ново поглавје во заемната комуникација кое отвора можност за директна и поефикасна соработка во повеќе области од заемен интерес – рекол претседателот Иванов на средбата, соопшти неговиот кабинет.
Претседателот Иванов посочил дека Република Македонија и Република Србија имаат идентична визија за заедничка иднина во големото европско семејство, за стабилност и просперитет на регионот што ќе се оствари со интегративните процеси и со зајакната регионална соработка.
Истакнувајќи дека Република Македонија е цврсто определена да гради подеднакво добри односи со сите соседи, Иванов посочил дека земјата е подготвена за соработка и размена на искуства во ЕУ интеграциите, како и во регионалните иницијативи.
На средбата претседателот Иванов го поздрави унапредувањето на правната рамка и потпишувањето на повеќе договори и документи и посочи на потребата од максимална посветеност на економската соработка, како и на енергетското и инфраструктурното поврзување.
– Заврши времето кога беа доволни само средби, политички декларации. Граѓаните од сите билатерални или регионални средби очекуваат конкретни резултати – нагласил претседателот Иванов на средбата.
Претседателот Иванов и премиерот Вучиќ размениле мислења и за состојбите во регионот. Се согласиле дека дијалогот е единствениот начин за надминување на отворените прашања и разлики во нашиот регион, а тие на ниеден начин не смеат да бидат пречка за билатералната, регионалната соработка, како ни пречка во интегративните процеси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.