| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов го прими српскиот премиер Вучиќ

sredba

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го прими српскиот премиер Александар Вучиќ, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, по повод одржувањето на втората заедничка седница на владите на Македонија и на Србија.

Иванов искажал задоволство од размената на меѓусебни посети, оценувајќи дека тоа претставува индикатор за интензитетот на политичкиот дијалог.

– Контактите на највисоко ниво имаат посебно значење и даваат силен сигнал за натамошниот развој на пријателството и соработката меѓу нашите две држави. Заедничките седници на двете влади се ново поглавје во заемната комуникација кое отвора можност за директна и поефикасна соработка во повеќе области од заемен интерес – рекол претседателот Иванов на средбата, соопшти неговиот кабинет.

Претседателот Иванов посочил дека Република Македонија и Република Србија имаат идентична визија за заедничка иднина во големото европско семејство, за стабилност и просперитет на регионот што ќе се оствари со интегративните процеси и со зајакната регионална соработка.

Истакнувајќи дека Република Македонија е цврсто определена да гради подеднакво добри односи со сите соседи, Иванов посочил дека земјата е подготвена за соработка и размена на искуства во ЕУ интеграциите, како и во регионалните иницијативи.

На средбата претседателот Иванов го поздрави унапредувањето на правната рамка и потпишувањето на повеќе договори и документи и посочи на потребата од максимална посветеност на економската соработка, како и на енергетското и инфраструктурното поврзување.

– Заврши времето кога беа доволни само средби, политички декларации. Граѓаните од сите билатерални или регионални средби очекуваат конкретни резултати – нагласил претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов и премиерот Вучиќ размениле мислења и за состојбите во регионот. Се согласиле дека  дијалогот е единствениот начин за надминување на  отворените прашања и разлики во нашиот регион, а тие на ниеден начин не смеат да бидат пречка за билатералната, регионалната соработка, како ни пречка во интегративните процеси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top