Египет рано изутринава изврши воздушни напади на позиции на групата Исламска држава во Либија, откако екстремистичката група објави снимка со убиство на египетски христијански Копти, киднапирани во Либија. Поради убиството на 21 египетски христијани Копти во Египет е прогласена седумдневна жалост. Портпаролот на Генералштабот на египетската армија објави на државно радио дека се бомбардирани позиции на ИД во Либија, со што првпат Каиро јавно соопшти дека презема воена акција во соседна Либија.
Авиони на египетската армија извршиле напади врз магацини со оружје и кампови за обука долж границата со Либија, по што сите авиони што учествувале во операцијата безбедно се вратиле во своите бази.
Портпаролот на египетската армија нагласи дека со тие напади е извршена одмазда за крвопролевањето. Претходно претседателот на Египет Абдел Фатах ал Сиси изјави дека неговата држава го задржува правото на соодветен начин да одговори на ИД за убиството на египетски работници во соседна Либија. Сиси предупреди дека Каиро ќе избере неопходен начин и време да се освети за криминалните убиства.
Убиените Копти се киднапирани во декември и јануари во градот Сирт во источна Либија, кој е под контрола на исламски групи. Советот за безбедност на ОН остро го осуди кукавичкиот чин на убиство на 21 египетски Коптиод страна на џихадисти од ИД во Либија.
Белата куќа го осуди убиството на египетските христијани во Либија од страна на Исламска држава и повика на политичко решение на конфликтот во оваа земја, пренесоа британските медиуми.
-Бесмисленото убиство на невините луѓе е последниот од многуте одвратни активности, извршени од терористите поврзани со ИД против луѓе во регионот, вклучувајќи ги и убиствата на десетици египетски војници на Синај, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернест.
„Тоа само дополнително ја стимулира меѓународната заедница да се обедини против Исламска држава“, подвлече тој.
Овој гнасен акт уште веднаш ја истакнува итната потреба од политичко решение на конфликтот во Либија, бидејќи продолжувањето само им носи полза на терористичките групи, вклучувајќи ја и Исламска држава, додаде портпаролот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.