Конјуктивитис, катаракта, глауком, миопија, далековидост, страбизам, астигматизам се најчести болести на очите. Бидејќи и дијабетесот е сè почеста појава кај луѓето, компликациите од него се рефлектираат и врз очите. Дијабетесот, посебно ако не е правилно лекуван, може да предизвика оштетувања во вид на крвавења, отоци на задниот сегмент на окото, кои, не се третираат, може да доведат до слепило ако. За болестите на очите разговаравме со професор доктор Гордана Софрониевска-Ивановска, офталмолог.
Таа препорачува лицата со навршени 50 години редовно да мерат очен притисок. Со неа зборувавме и за една аномалија во детската возраст, која ако не се открие навреме, доведува до дегенеративно намалување на видот. Тоа е амблиопија или таканаречено мрзливо око, кое може да се лекува мошне успешно ако се открие додека детето е мало (2-3 години).
Кои се најчестите болести кај очите?
СОФРОНИЕВСКА-ИВАНОВСКА: Најчестата болест на очите е воспалителниот процес на предниот дел на окото, т.н. конјуктивитис. Тој може да биде од бактериско, вирусно или алергиско потекло. Се јавува најчесто при други инфекции, на синуси, грло, но и изолирано. Друго заболување кое често се среќава во секојдневниот процес е катаракта или таканаречено перде. Тоа е дегенеративен процес кој се должи на возраста (ако нема друга причина), при што доаѓа до заматување на леќата, односно намалување на видот, до потполно губење. Се решава исклучително по хируршки пат. Често заболување е и локален очен притисок или глауком, многу опасно заболување кое, ако не се открие навреме, може да предизвика слепило. Затоа е важно лицата со навршени 50 години најмалку еднаш годишно да мерат очен притисок. Бидејќи и дијабетесот е сè почеста појава кај луѓето, компликациите од него се рефлектираат и врз очите. Дијабетесот, особено ако не е правилно лекуван, може да предизвика оштетувања во вид на крвавења, отоци на задниот сегмент на окото, кои, ако не се третираат, може да доведат до слепило. Дегенеративните заболувања на задниот сегмент на окото и на центарот за вид ги среќаваме сè почесто поради продолжениот век на луѓето.
Дали пациентите со висока миопија треба да бидат внимателни со физичка активност?
СОФРОНИЕВСКА-ИВАНОВСКА: Да,лицата со висока кратковидост треба да избегнуваат тешка физичка активност, како и некои видови спорт во кои може да дојде до удар во очите. Поради конфигурацијата на окото кај висока кратковидност, слоевите се потенки, па може да дојде до расцеп и до одлепување на мрежницата или таканаречена аблација на ретината.
Дали далековидоста или хиперметропија се поправа со носење очила или со контактни леќи?

Неопходно до тригодишна возраст барем еднаш да се направи офталмолошки преглед на секое дете
СОФРОНИЕВСКА-ИВАНОВСКА: Да, во принцип, далековидоста се коригира (намалува или постепено исчезнува) со растегање на окото, освен кај екстремно високите вредности на диоптријата. Контактните леќи кај далековидост немаат ефект на смалување или стопирање на диоптерот, како што имаат кај кратковидоста.
Дали ненавременото откривање на аномалиите, посебно во детската возраст, може да доведе до неповратно слабеење на видот, а потоа и до искривување на положбата на очите, т.е. страбизам?
СОФРОНИЕВСКА-ИВАНОВСКА: Да, постои една аномалија во детската возраст што доведува до дегенеративно намалување на видот ако не се открие навреме. Тоа е амблиопија или таканаречено мрзливо око, кое може да се лекува мошне успешно ако се открие додека детето е мало (2-3 години). Ако оваа болест се открие многу подоцна, на 6-7 години, тогаш лекувањето не ги дава очекуваните резултати. Затоа е неопходно до тригодишна возраст барем еднаш да се направи офталмолошки преглед на секое дете.
Што е астигматизам?
СОФРОНИЕВСКА-ИВАНОВСКА: Астигматизам е аномалија во рефракцијата, при што зраците во прекршувањето на оптичкиот дел на окото не се собираат во една точка од мрежницата и не се формира јасна слика на предметите што ги гледаме. Поради тоа, ликот е развлечен, нејасен, особено за оддалечени предмети. Се коригира со цилиндрични стакла. Најчесто, причина за овој оптички недостаток на окото е неправилна закривеност на површината на корнеата.
Во последните неколку години е актуелно и ласерското лекување на аномалиите на окото, со кое се овозможува трајно намалување на диоптријата. За која диоптрија најчесто се препорачува и дали по операциите пациентот веќе нема да носи контактни леќи или очила?
СОФРОНИЕВСКА-ИВАНОВСКА: Ласерската операција со која треба да се коригира диоптријата е работа на избор на секој пациент бидејќи тоа е козметика, а во ретки случаи постои медицинска индикација за таа да се направи.
Како алергиите влијаат на очите? Доаѓа пролет, тогаш се будат алергиите, па како да ги заштитиме очите?
СОФРОНИЕВСКА-ИВАНОВСКА: Алергиите најчесто се сезонски и предизвикуваат црвенило, чешање, гребење на очите, некогаш и оток на очните капаци. Се лекуваат со антиалергиски капки и маст за очи.
Да го разбиеме митот за капките „прокулин“. Во кои случаи се користат и дали може да предизвикаат штета ако се користат често?
СОФРОНИЕВСКА-ИВАНОВСКА: „Прокулин“ се капки што служат за плакнење на очите при разни дразби или иритација на очите. Механизмот на неговото дејствување е преку стеснување на крвните садови на предниот дел на окото, го елиминираат црвенилото. Пречестата употреба, односно злоупотреба, доведува до обратен ефект, моментално елиминирање на црвенилото, а потоа се јавува уште поголемо црвенило.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


