Процедурата за избор на нов претседател на Грција е одложена за следната недела, а најверојатно за време на викендот ќе стане познато името на кандидатот за таа функција, кој ќе биде предложен од владејачката партија СИРИЗА.
Процедурата беше планирана за денеска, но поради критичните преговори на Владата со меѓународните кредитори е одложена за следната недела.
Досега како фаворит се спомнува грчкиот еврокомесар Димитрис Аврамопулос и се претпоставува дека неговата кандидатура ќе биде поддржана и од десноцентристичката партија Нова демократија.
Во согласност со Уставот, претседателот го избира Парламентот во најмногу три круга гласање, во период од пет дена. За негов избор во првите два круга се потребни 200 гласа од вкупно 300 пратеници, а во третиот 180.
Грција кон крајот на минатата година остана без претседател откако Парламентот не успеа да избере шеф на државата, што беше причина и за вонредните парламентарни избори на 25 јануари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.