| четврток, 6 декември 2018 |

Лазовиќ: Немаме поправен испит, одиме на победа против Крим

Македонскиот женски ракометен шампион ЖРК Вардар в сабота ги продолжува натпреварите од Лигата на шампионите.
По киксот против Лајпциг на гостински терен сите се сложни во едно дека право на кикс нема и Крим мора да се победи.
Пласман на завршниот турнир останува најголема желба кај Индира Кастратовиќ и таа потенцира дека лошото издание кај Лајпциг не смее да се повтори.

– Против Лајпциг одигравме под сите можностите. Не го покажавме тоа што го знаеме и нема оправдување за тоа. Тоа беше прв натпревар и знаеме сите дека многу лошо играме на такви натпревари. Сакаме да извлечеме поука од поразот и со сите сили да се потрудиме до крајот на групната фаза да дојдеме до место кое води во четврт-финалето, а потоа и на завршниот турнир. Девојките се психички подготвени за натпреварот против Крим, извлечени се поуките од натпреварот во петокот и посакуваме да се радуваме на победа в сабота – изјави тренерот на ЖРК Вардар, Индира Кастратовиќ.

Поранешните играчи на Крим кои во летниот преоден рок дојдоа во Вардар, Барбара Лазовиќ и Андреа Пенезиќ, добро ја познаваат играта на противничките и се надеваат дека ќе дојдат до победата. Лазовиќ призна дека поразот против Лајпциг е недозволив и веќе нема поправен испит, мора да се победи сѐ до крај.

– Никако не смееме да си дозволиме уште еден лош ден како против Лајпциг. Немаме поправен испит до крај ако сакаме да се пласираме на завршниот турнир. Уште од самиот почеток треба да покажеме кој е фаворит во овој натпревар и не смееме да помислиме дека не можеме да победиме – изјави Барбара Лазовиќ.

Најголемите закани кон голот на вардарки доаѓа од поранешната играчка на Вардар, Алисон Пино, која ја почна сеозната токму во македонскиот шампион и репрезентативката на нашата земја Мирјета Бајрамовска.

– Подготвени сме да ги спречиме во нивните налети. Знаеме од каде доаѓа најголемата опасност, тие се двете клучни алки во играта. Ќе направиме најмногу што можеме да ги запреме тие што ја носат играта – додаде Кастратовиќ.

Натпреварот се игра во СЦ „Јане Сандански“ в сабота со почеток од 19 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top