Сколиоза, дискус хернија, артритис, остеопороза се болести на коските од кои сè почесто страда и помладата популација и кои предизвикуваат промени на коските. Што е потребно да ги сочуваме коските за, како што се вели, да ни траат подолго. Што треба да смениме во начинот на исхрана и во начинот на живот за на старост да имаме помалку здравствени проблеми. Д-р Ненад Петков е ортопед во скопската болница „8 Септември“ и тој смета дека живееме во време кога сè помалку „се трпи“ инвалидитет.
Дали Македонците имаат здрави коски?
ПЕТКОВ: Коската е најголем орган во човечкото тело. Како таква, таа го трпи стресот на секојдневната динамика на животот. Поради лоша исхрана, намалена спортска активност, секојдневен стрес, сите органи во човечкото тело страдаат, вклучувајќи ги и коските. На тоа не се имуни ниту Македонците. Иако немаме прецизна статистика, сликата во трауматолошките амбуланти и секојдневното зголемување на тие проблеми укажуваат дека е сè поголем бројот на повреди и на скршеници кои се резултат на намалена коскена густина. Тоа значи дека и Македонците сè повеќе страдаат од болести на коските.
Од болестите на коските сè почесто страда и помладата популација. Сколиоза, дискус хернија, артритис, се најчестите заболувања што предизвикуваат промени на коските. Што треба да смениме во начинот на исхрана и во начинот на живот за да имаме помалку здравствени проблеми?
ПЕТКОВ: Мора да сфатиме дека стареењето е животен процес. Тој процес никој не го излечил, за него нема лек. Тоа е една динамика на коската, нејзина разградба. Секојдневно се ремодилира според начинот на живот. За среќа, има неколку совети што ние лекарите можеме да ги дадеме за да помогнеме да се намали брзината на разградбата на коскеното ткиво. Најважен е начинот на исхрана. Мора да внесуваме повеќе калциум преку исхраната. Калциумот се внесува преку рибата, зеленчукот, коскестото овошје, млекото од соја. Во тие продукти калциумот го има во поголема концентрација. Потребно е да се консумираат и додатоци од калциум. Дневното ниво на калциум е 1.000 милиграми во 20-тите, 30-тите и во 40-тите години од животот. Меѓутоа, по 40-тата години се зголемува потребата од калциум. Кај жените во менопауза потребната количина калциум е 1.500 милиграми дневно, кои треба да бидат правилно распоредени во текот на денот. Максимална доза калциум во еден момент е 500 милиграми. Многу е потребен и витаминот Д. За телото да го апсорбира калциумот, потребен му е витамин Д. Тоа значи дека само калциум не е доволно. Има таблети што се комбинација од калциум и витамин Д. Можеби тие би можеле да го инкорпорираат во едно, меѓутоа, само по себе тоа не е доволно. Потребна е зголемена физичка активност. Колку повеќе ги оптоваруваме коските, толку повеќе тие создаваат нова коска. На пример, космонаутите страдаат од остеопороза бидејќи кај нив нема оптоварување, нема гравитација врз коските.
Зимата е во тек. Иако снегот во градовите се стопи, не ја исклучуваме можноста за нови поледици. Колку итни случаи имавте оваа зима во болницата „8 Септември“ и дали некои од скршениците мораше да се решат со операција?
ПЕТКОВ: Оваа сезона имавме рекорден број скршеници во ургентниот центар на болницата „8 Септември“. Поголемиот дел од скршениците се решаваа без хируршка интервенција. Но, кај голем дел беше неопходна операција. Тука би ги спомнал фрактурите на колкот, рачниот зглоб, скочниот зглоб, како и на ’рбетниот столб. Тоа се места каде што остеопорозата го зема најголемиот данок. Ние немаме проблем кога е најголемиот снег. Но, кога ќе почне да се топи, кога ќе се разубави времето, излегуваат и постарите од домовите. Дојде време кога сè помалку „се трпи“ инвалидитет. Ретко кој може да седи дома. Живееме во време кога движењето е живот. Повозрасните веќе не можеме да ги задржиме дома. Сите наши совети да не го напуштаат домот кога е студено и лизгаво, користење помагала кога излегуваат, користење слушни апарати, носење очила со диоптер – некогаш и не ги слушаат.
Премногу време поминато на компјутер може да доведе до појава на Синдром на карпален канал. Дали може да ни кажете нешто повеќе за овој синдром? Кои се препораките и како да се лекува?
ПЕТКОВ: Синдромот на карпален канал е кога медијалниот нерв или нервот што оди кон дланката или т.н. карпален канал е притиснат. Тоа е една ситуација во која се јавува трпнење, болка во пределот на рачниот зглоб и одредени делови во дланката. Од него страдаат дактилографи, луѓе што работат повеќе време на компјутер, музичари, особено тие што свират на жичени инструменти, но и пијанисти. Има и болести што доведуваат до почесто јавување на овој синдром, како дијабет, проблеми со тироидната жлезда. За среќа, со правилен третман кај најголем број пациенти се лекува успешно и без никакви последици.
Со програмата на Министерството за здравство за испраќање медицински персонал во здравствени центри на едукација, престојувавте во САД, во Центарот за спортски повреди каде што се лекуваат најдобрите кошаркари и рагбисти. Какво искуство ќе им пренесете на колегите во Македонија и што научивте ново?
ПЕТКОВ: Бев на тримесечен престој во Лос Анџелес, на Универзитетот „Калифорнија“, во Центарот за спортски трауматизам. Таму имав можност да работам на артроскопија на рамен зглоб, тоа беше и целта на мојата посета. Ние со години работиме артроскопија на колено и на скочен зглоб. Со таа едукација го заокружуваме тој систем на минимално инвазивна хирургија. Ги скратуваме болничките денови, тоа исто така е важно, да имаме што е можно помалку лежење во болница, помалку товар за болницата. Тоа е олеснување како за пациентот, така и за болницата. Мислам дека е потребно уште работа. Имаме голема поддршка од управата на болницата, преку набавка на материјали што ни се потребни. Одиме во нагорна линија. Со уште неколку едукации во странство сигурно дека ќе бидеме на добар пат да ги следиме светските трендови.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст