| четврток, 6 декември 2018 |

Косовците најмногу бараат азил во Австрија

азил

Жителите од Косово во јануари станаа најголемата група подносители на молби за добивање азил во Австрија, јави Танјуг.

Тие, како што наведуваат австриските власти, со 1.029 предадени молби, ги претекнаа и Сиријците, кои бегаат од војната во својата земја.

Во јануари 910 лица од Сирија поднеле барање за азил, а на трето место се азилантите од Авганистан (622), и потоа Ирак (286).

Сиријците минатата година беа најголемата група бегалци која барала азил во Австрија, а на второ место биле Авганистанците, па Русите и дури потоа граѓаните на Косово.

Австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер, кон средината на минатиот месец, побара промена на процедурата за одлучување за молбите за добивање азил. Таа нагласи дека сака да се воведе брза постапка за решавање на барањата на граѓаните кои доаѓаат од таканаречените „безбедни земји“, во кои спаѓа и Косово.

Забележлив е значителниот раст на бројот на барања за добивање азил на лицата од Косово и покрај непроменетата политичка состојба таму, имајќи во предвид дека во текот на цела 2014 година молба за азил во Австрија имаа поднесено 1.901 граѓани од Косово, а само во јануари годинава веќе се поднесени повеќе од 1.000 барања.

Австриските власти, исто така, укажуваат дека има раст на бројот на барања за добивање азил на граѓани од Србија. Имено, во јануари минатата година само 22 лица од Србија поднеле барање за добивање азил, а во првиот месец од оваа година нивниот број е 55.

Овие актуелни бројки, пред се за граѓаните на Косово, Микл-Лајтнер ги оценува како „голема емиграција“, бидејќи на луѓето им се даваат лажни ветувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top