Цената на златото на меѓународниот пазар продолжи да паѓа и во вторникот поради намалувањето на загриженоста на инвеститорите поради ситуацијата во Грција.
Во 15.30 часот по македонско време февруарските фјучерси на њујоршката берза Comex поевтинија за 9,4 американски долари, односно за 0,74 отсто, на 1./266,80 долари за унца злато. Обратно, цената на мартовските фјучерси за среброто на Comex пораснаа за 0,17 отсто, на 17,28 долари за унца.
Аналитичарите на агенцијата Блумберг појаснуваат дека падот на побарувачката на алтернативни средства кои се сметаат за сигурно прибежиште на капиталот, како што е златото, доаѓа како резултат на спласнувањето на загриженоста во врска со Грција и нејзиното враќање на долгот. Имено, претходно во вторникот грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изјави дека неговата влада не предлага отпишување на дел од долгот, туку добивање простор и замена на еден вид облигациите со друг.
Претходно во текот на тргувањето во вторникот притисок врз цената на златото вршеа и соопштенијата кои доаѓаа од Кина. Како што соопшти владата во Пекинг, таа во март планира да започне определување на цената на златото на отворениот пазар.
Извор: Макфакс
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


