| четврток, 6 декември 2018 |

Лажна тревога за бомба пред Европскиот парламент и амбасадата на САД во Брисел

Брисел утринава го потресе лажен аларм за паркирани автомобил-бомби пред една од зградите на Европскиот парламент, како и пред амбасадата на Соединетите Американски Држави.

Како што јави дописникот на МИА од европската престолнина, службите за безбедност на Европарламентот забележале сомнителен автомобил паркиран на улицата „Монтоје”, по што ја известила белгиската полиција.

Припадниците на анти­терористичката единица на Министерството за внатрешни работи, утринава набрзина ги испразнија канцелариите во посочената зграда на ЕП на улицата „Монтоје” и по еден час работа на анти­бомбашкиот робот, беше утврдено дека се работи за лажна тревога.

– Еден час траеше испитувањето на сомнителното возило, а за тоа време дел од нашите вработени беа надвор од една од зградите лоцирана на улицата „Монтоје”. Сепак, белгиската полиција утврди дека се работи за лажна тревога, по што нашите вработени се вратија на своите работни места – ­ информираа од прес-­службата на Европарламентот.

Во исто време, пред американската амбасада во Брисел, која е оддалечена 500 метри од ЕП, исто така, имаше сомнеж за паркиран автомобил­-бомба, откако едно лице набрзина го паркирало својот автомобил и побегнало од местото. Сепак, и во овој случај ,по интервенција на белгиската полиција, се утврди дека се работи за лажна тревога, па и по кусата интервенција на дел од вработените во американската амбасада, тие се вратија на своите работни места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top