„Младинскиот супероркестар“ е заеднички проект на три музички училишта од Македонија, Србија и од Словенија. ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ учествуваше во проектот „Младински супероркестар“. Станува збор за оркестар составен од средношколци од музичките училишта од Словенија, Србија и од Македонија.
– Посебно нè привлече идејата што ќе бидат изведени композиции од композитори од овие три држави. Веќе се испратени двете македонски композиции, кои ги подготвуваат учениците од Словенија и од Србија – „Тешкото“ од Глигор Смокварски и „Пајдушко“ од Сони Петровски – изјави раководителот на проектот Наташа Малиновска.
Композиција од Србија ќе биде „Голема чочек игра“ од познатиот српски композитор Петар Коњович, додека од Словенија е композицијата „Словенски народни танци“ од композиторот Алојз Среботњак.
Концертите во Словенија и во Србија ќе се одржат во Словенечката филхармонија (Словенија) и во големата сала на СКЦ Белград (Србија), а во Македонија концертот ќе биде во новиот Македонски народен театар. Концертите се веќе закажани и ќе се одржат на 29 март во Словенија, 30 март во Србија и на 1 април во Македонија.
Посебно ме радува што за овој проект, освен досегашниот интерес за поддршка на ваквите проекти од страна на Министерството за образование и за наука на Република Македонија и Министерството за култура на Република Македонија, интерес покажаа и неколку општини од каде што потекнуваат учениците што пројавија желба финансиски да го помогнат нивното учество и да ги покријат неопходните нивни трошоци, изјави директорот на училиштето, Јован Бицевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.