
Новата грчка влада, предводена од радикалната левица „СИРИЗА“, даде сигнал дека односите со европските партнери може да се пренесат од економијата кон надворешната политика, откако се огради од повикот на Европската унија да го разгледа проширување на санкциите против Русија, пишува британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Портпаролот на владеачката коалиција на премиерот Алексис Ципрас, рече дека Грција не ги одобрила изјавите на државните и владините раководители од ЕУ, во кое се бара од нивните министри за финансии, да ја разгледаат можноста за понатамошни санкции, како одговор на влошување на насилството во последно време во Источна Украина, за што САД и повеќето европски земји, ги обвинуваат сепаратистите подржани од Русија.Грчката изјава го покрена прашањето, дали новата влада ќе го поддржи продолжување на постоечките санкции на ЕУ, вклучувајќи визни забрани и замрзнување на имотот на руски официјални лица и сепаратисти поддржани од Москва, кога ќе дојде време за нивно обновување во март, наведува весникот.
Однесувањето на Ципрас најверојатно ќе ја засили постоечката загриженост во европските метрополи, особено Берлин, од зголемување на руското влијание во Југоисточна Европа и на Балканот. Германскиот канцелар Ангела Меркел, минатиот месец предупреди, дека Москва се обидува некои балкански земји, да ги направи политички и економски зависни, истакнува весникот.
Првиот странски дипломат, кој се состана со Ципрас, откако тој во понеделникот ја презеде функцијата премиер, беше рускиот амбасадор во Атина, Андреј Маслов, кој му предаде телеграма со честитки од претседателот Владимир Путин. Рускиот министер за земјоделство Николај Фјодоров во јануари навести дека, ако должничките проблеми на Грција ја принудат да ја напушти ЕУ, Москва може да и помогне на Атина, со тоа што ќе ја укине забраната за извоз на грчки храни, која е дел од мерките превземени од Кремљ, како одговор на западните санкции, наведува „Фајненшл тајмс“. Радикалната левица во Грција, формира 40 члена влада со јасна цел да ги предизвика доверителите на Атина, покажувајќи им дека нема намера да се откаже од ветувањата за укинување на казнените мерки за штедење, кои се во сржта на меѓународната спасувачка програма за заглавената во долгови држава, коментира весникот. Ципрас, кој ја предводеше првата влада, предводена од крајната левица во современата историја на Грција, упати сигнал за остар пресврт во политиката на земјата, истакнува „Њујорк тајмс“.
Со своите активности, од изборот на менаџерскиот состав до предупредувањето кон ЕУ во врска со политиката кон Русија, новиот премиер брзо покажа дека Европа не треба да се однесува кон Грција како кон слаб и помал партнер, посочува весникот.
Политичките аналитичари во Атина, ги толкуваат раните предупредувачки истрели на Ципрас како паметни политички потези, под услов дека неговата влада наскоро ќе започне преговори со европските кредитори на Грција за условите на спасувачката програма. Ова негово однесување, со кое тој покажува дека може да гиискомплицира европските напори за кризата во Украина, може да му го засили влијанието во економските преговори, сметаат аналитичарите, цитирани од „Њујорк тајмс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


