| четврток, 6 декември 2018 |

Од петок нови обилни врнежи

дожд

Пообилни врнежи од дожд проследени со засилен јужен ветер и локална појава на грмежи се очекуваат од петок во Македонија.

Нестабилното време е последица од влијанието на циклонска активност и серијата влажни бранови што ќе ја зафатат земјата.

Според Управата за хидрометеролошки работи, првиот поинтензивен бран на врнежи ќе биде ноќта во петокот кон саботата и поизразен ќе биде во западните и јужните делови, каде се очекува да наврнат над 40 л/м2 дожд. На планините над околу 1000 метри надморска височина врнежите ќе бидат од снег, а кон утринските часови во сабота оваа висинска граница ќе се спушта. На поголемите висини снежната покривка значително ќе се зголеми.

Во саботата преку денот ќе има извесен прекин на врнежите, а нов поинтензивен влажен бран се очекува во ноќните часови кон недела и во недела претпладне, кога на места врнежите ќе бидат поројни, проследени со грмежи и локално ќе наврнат нови 30 л/м2 дожд.

Во петок и сабота ќе дува засилен до силен јужен ветер, кој на места ќе достигнува брзина над 80 км/час.

Врнежи од дожд но со слаб до умерен интензитет се очекуваат и во понеделник, а на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

Во петок и за време на викендот дневните температури ќе бидат релативно високи и ќе се движат од 7 до 13 степени, а од понеделник ќе опаднат за неколку степени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top