| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија скокна за 11 места на европскиот здравствен потрошувачки индекс

indeks

Република Македонија напредуваше за рекордни 11 позиции на европскиот здравствен потрошувачки индекс за 2014 година на независното тело за мониторинг на шведската невладина здравствена фондација „ЕХЦИ“.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, оваа индексација постои од 2005 година и според комесарот за здравство на Европската комисија, Витенис Андриукаитис, кој утринава во Брисел ја претстави најновата рејтинг-листа, овој Индекс е признат и се употребува од страна на неформалната Влада на Европската унија како најрелевантен во однос на функционирањето на здравствните системи во Европа.

– Некои источно-европски системи напредуваат изненадувачки добро, пред се Чешката Република и Естонија, земајќи го предвид нивниот далеку помал фонд на инвестирање во здравството. Република Македонија прави забележителен напредок на ранкингот на ЕХЦИ во однос на било која друга земја во историјата на овој Индекс. Па, така од 27-мо напредуваше на 16-то место на листата, најмногу заради функционирањето и имплементирањето на листите за чекање на пациентите и воведувањето на интернет-букинг системот, т.е. држењето до термините за прегледи – се наведува во Индексот на ЕХЦИ за минатата година, што го претстави еврокомесарот Андриукаитис.

Рангирањето на Индексот на ЕХЦИ се прави врз основа на шест параметри: Права на пациентите и нивно информирање; Достапност (време за чекање и третман); Резултати; Опсег и Движење и достигнување на достапните услуги; Превенција и Лекови. Притоа, Македонија има најголем напредок и одлични оценки во однос на правата и информирањето на пациентите и достапноста, придвижување со одлични и средни оценки во однос на превенцијата и достапноста на лековите, додека се уште заостанува и има не-толку-добри оценки во однос на резултатите.

– Македонија е земја со најголем напредок во здравствениот систем во Европа и ние тоа го поздравуваме – истакна еврокомесарот за здравство, Андриукаитис на денешната презентација на најновиот Индекс.

Според оваа најнова ранкинг-листа за напредок во здравственито систем, од 36 рангирани европски земји, Македонија е 16-та и зад неа во однос на здравството се наоѓаат голем број земји-членки на ЕУ како Шпанија, Естонија, Италија, Грција, Полска, Литванијаи други. На првите три места на оваа лсита се наоѓаат Холандија, Швајцарија и Норвешка.

На денешната презентација на овој европски индекс, присуствува и македонскито министер Никола Тодоров, кој се очекува да одржи говор на тема напредокот на здравствениот систем во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top