Децата од Детско село и почесниот конзул на Република Перу во Македонија Ненад Јаничевиќ, беа специјални гости на едукативниот забен настан што се одржа во саботата во „Сити мол’ во организација на Фондацијата Д-р Михаил Левенски.
На овој настан, на за децата забавен начин, практично им се покажа како треба да се одржува хигиена на рацете. Докторката Весна Игњатовиќ, која оваа година бележи 25 години од основање на компанијата „Доктор Вајс“, го истакна значењето на превенцијата и едукацијата на децата.
– Целта на овој настан е едукација, истакна доктор Весна и додаде дека децата од мали нозе треба да стекнат хигиенски навики но и да го негуваат својот дух со позитивни мисли.
Во салата пред почеток на проекцијата на филмот „Мечето Педингтон“, предавање за хигиена на рацете одржа доктор Венера Митревска – педијатар, со акцент на неопходноста за одржување хигиена на рацете на јавни места, при прошетки и посебно пред кинопроекции каде што најчесто се јадат пуканки. Доктор Венера им објасни на дечињата зошто треба да се мијат рацете и колку е тоа важно за нивното здравје, раскажувајќи им на разбирлив јазик за бактериите кои преку рацете може да се внесат во устата.
Пред почетокот на проекцијата децата добија и интересни информации за земјата Перу од каде што потекнува мечето Педингтон, кои на забавен и за нив близок начин им ги презентираше токму почесниот конзул на Република Перу во Република Македонија, со поддршка на видео материјал за Перу.
Директорката на Детско село за Македонија – Јулијана Гапо, на овој настан, додели благодарница на Фондацијата Доктор Михаил Левенски во знак на благодарност за неколкугодишната соработка, а воедно и како благодарност до тимот на Фондацијата, кој на своите настани ги поканува секогаш и децата од Детско село. Јулијана Гапо воедно ја нагласи важноста на вклучување на децата од Детско село во активности од забавен и едукативен карактер каде можат да се дружат и запознаваат со други дечиња и да стекнуваат нови сознанија и нови пријателства.
Претседателката на Фондацијата Доктор Михаил Левенски – Камелија Левенска, обраќајќи се на 100 присутни дечиња и родители во киносалата, се заблагодари на поддршката и учеството во настанот на почесниот Конзул на Република Перу во Република Македонија и на компаниите „Минако“ и Естетскиот центар „Доктор Вајс“. Левенска го нагласи значењето на поврзување на идеите, волјата и позитивните заложби во реализација на корисни активности за позитивни цели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.